Илјадници лекари штрајкуваат во Јужна Кореја

Сподели со своите пријатели

Неколку илјади лекари од најголемите болници во Јужна Кореја денеска се приклучија на штрајкот поради намерата на владата следната година да запише 5.000 нови студенти на медицинските факултети, наспроти претходните 3.000 бруцоши.

Loading...

Планирано е до 2035 година тој број да се зголеми за уште 10.000.

Лекарите и студентите по медицина кои учествуваат на протестот тврдат дека Јужна Кореја има доволно лекари и дека владата пред се треба да им ги зголеми платите и да ги подобри условите за работа, особено за специјалистите по педијатрија и итна медицина.

Заменик-министерот за здравство Парк Мин-су побара од штрајкувачите да им дадат приоритет на пациентите пред нивните сопствени интереси.

Протестот почна неделава, со учество, според Министерството за здравство, на повеќе од 7.800 лекари, иако владата им нареди да останат на своите работни места.

Лекарите тврдат дека таквата наредба е во спротивност со Уставот, наведува Ројтерс.

Основната задача на медицинските работници е да го заштитат здравјето и животот на луѓето. Секоја акција што се заканува не може да биде оправдана, изјави Парк на новинарите.

Третина до половина од планираните операции беа откажани во пет болници во Сеул.

Loading...

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека повеќе од три четвртини од населението го поддржува планот на владата за зголемување на бројот на студенти по медицина.

Јужна Кореја има 2,6 лекари на 1.000 жители, што е значително помалку од просекот од 3,7 лекари во членките на Организацијата за економска соработка и развој.

Штрајкувачите тврдат дека планот на Владата е поврзан со парламентарните избори закажани за април.

Не можевме да седиме и да гледаме како се гради здравствената политика исклучиво заради – победа на изборите, порачаа учесниците на протестот.