ЕПП е подготвена да ја поддржи Фон дер Лајен за втор мандат

Сподели со своите пријатели

Водечката европска политичка групација, централно-десничарската Европска народна партија (ЕПП), се очекува денеска да ја поддржи претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, за втор мандат на таа позиција.

Loading...

Фон дер Лајден е единствената кандидатка на листата на ЕПП, што и ги зголемува шансите да добие нов мандат.

На актуелната претседателка на ЕК ѝ треба апсолутно мнозинство за да победи, што лидерот на ЕПП Манфред Вебер тврди дека ќе се случи и дека партијата „застанува со Фон дер Лајен“.

„Европа во моментов е на судење и се соочуваме со многу предизвици. Да гласаме против екстремистите и ве молиме да гласаме за сериозната партија на центарот, а во исто време и најголемата, а тоа е Европската народна партија“, рече Вебер.

И покрај порастот на екстремно десничарските и популистичките партии во блокот, ЕПП одржува јасно водство меѓу другите политички групи пред изборите за Европскиот парламент во јуни, според анкетите.

Најголемата пречка за Фон дер Лајен да добие втор мандат, според Ројтерс, би можеле да бидат евроскептиците, од кои се очекува да освојат повеќе места, што би можело да ја принуди претседателката да бара поддршка надвор од традиционалните центристички партии, потенцијално по цена на некои политички отстапки.

Доколку фон дер Лајен биде повторно назначена од лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ, ќе продолжи да ја поставува политиката на блокот за технологија, државна помош, проверки на кинеските инвестиции и санкции против Русија.

Како што забележува Ројтерс, Фон дер Лајен моментално е главен фаворит за функцијата претседател на ЕК, а задачите на нејзиниот нов мандат би вклучиле зајакнување на европската одбрана и потенцијална соработка со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, доколку тој биде реизбран во ноември.

Loading...

Урсула фон дер Лајен беше првата жена на функцијата претседател на ЕК и го надгледуваше излегувањето на Обединетото Кралство од блокот, новите заеднички трошоци на ЕУ за енергија, здравје и економско закрепнување по пандемијата, како и поамбициозните политики за климата и животната средина беа воведена под нејзино раководство.