Еквадор заплени 64 тони дрога, уапсени повеќе од 4.000 луѓе

Сподели со своите пријатели

Еквадор, кој се соочува со невиден бран насилство поврзано со трговија со дрога, заплени повеќе од 64 тони дрога во периодот од јануари до април, објави во вторникот еквадорската полиција.

Loading...

„Во април, 995 лица беа уапсени за случаи на дрога, а запленети се 18,5 тони“ дрога, изјави за новинарите полицискиот генерал Пабло Рамирез, национален директор за борба против дрогата.

Вкупно 64,6 тони дрога се запленети оваа година, а 4.099 лица се уапсени за шверц на дрога, рече функционерот.

Надлежните органи во заплените ги вклучуваат сите видови дрога, а најмногу кокаин.

Последната заплена од 1,9 тони кокаин била скриена во пратка со банани која требало да тргне од пристаништето Гвајакил за Шведска.

Според властите, во 2022 година биле запленети повеќе од 200 тони, а во 2021 година дури 210 тони, што е рекорд.

На брегот на Тихиот Океан, Гвајакил е еден од најпогодените градови од трговијата со дрога и насилството. Најмалку 18 лица загинаа таму викендов, објавија локалните медиуми.

Во саботата, неидентификувани напаѓачи отвориле оган врз луѓето кои гледале фудбалски натпревар на телевизија, при што убиле десет лица.

Loading...

Пред 20 дена во провинцијата Есмералдас, на северозападот на земјата, триесетина вооружени мажи отворија оган врз жителите и убија девет лица.

Според властите, жртвите биле под заштита на криминална група, а наводно биле нападнати од ривалска група.

Во затворите во земјата, судирите со затворениците однесоа повеќе од 420 животи од 2021 година, додека надвор од затворите стапката на убиства речиси двојно се зголеми меѓу 2021 и 2022 година, од 14 на 25 убиства на 100.000 жители.

Оваа експлозија на насилство ја поттикна владата да воведе состојба на итна ситуација во најранливите провинции и градови, во крајбрежните области Санта Елена, Лос Риос и Есмералдас, како и во градовите Гвајакил, Дуран и Самборондон.

Претседателот Гиљермо Ласо ги прогласи криминалните групи за „терористички“, дозволувајќи им на вооружените сили да патролираат по улиците заедно со полицијата.