Дипломатите успешно се само-попишаа, продолжува пописот за дијаспората

Сподели со своите пријатели

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска на Прес конференција информираше дека со истекот на 15-тиот ден од почетокот на пописот, последниот ден кој беше определен за попишување на дипломатите и нивните семејства, согласно информациите кои доаѓаат од нашите дипломатско – конзуларни претставништва, дипломатите и членовите на нивните семејства успешно го поминаа овој процес.

Loading...

„Пописот за Дијаспората продолжува, сѐ до 21 април, или уште 35 дена, што претставува пристоен период во кој секој наш граѓанин во странство може да го искористи ова право. Пописот е важна работа, а учеството на дијаспората значи правилно мапирање на дистрибуцијата на нашите граѓани во странство. Резултатите ни се важни за да имаме основа за донесување на развојни политики засновани врз прецизни податоци кои повторно, ќе бидат од директна полза на граѓаните, од полза на нашата дијаспора“, истакна Османи.

Успешноста при попишувањето на дипломатската мрежа претставува успешност за функционалноста на системот на попишување, како и успешност на дипломатската мрежа за дисеминација на информациите за пописот и справување со секојдневните предизвици, нагласи Османи, во контекст на завршувањето на оваа фаза од процесот – Попис 2021.

 

 

Османи информираше и за преостанатите активности на министерството за надворешни работи, но и за неговите дипломатски активности фокусирани на овој процес.

„Работна група во МНР е практично во постојано заседавање, ја следиме работата на ДКП-та во континуитет, нашите телефонски линии се постојано отворени и ефикасно се користат, амбасадите и конзулатите интензивно работат со здруженијата на граѓани, асоцијации и верски здруженија – на некој начин целата мрежа е ставена во фокусот на овој процес како нивен прв приоритет. Во рамките на моите дипломатски активности, минатиот понеделник бев во работна посета на Рим, каде покрај средбите со државниот врв, остварив средби и со претставници на нашите здруженија кои се активни во Италија. Отворено ја побарав, ги повикав на активна мобилизација, ја добив нивна поддршка, за заеднички да ја пренесеме информацијата до нашите граѓани во странство за важноста на Пописот. Веќе утре заминувам за Швајцарија, а потоа и за Мадрид, каде покрај официјалните средби, во агендата имам голем број средби и со претставници на нашата дијаспора“, потенцираше Османи.

Loading...

Министерот ги повика и медиумите на соработка, преку нивните програми, прилози, известувања, да ги анимираат не само граѓаните на земјава, туку и нашите граѓани во странство, кои ги следат нивните програми.

Leave a Reply