Димитриевски: Депонијата Краста ќе биде само трансфер станица (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Во рамките на мојата програма излегов со ветување за реализација на проект  во следните четири плус четири години, дека ќе се занамиваме со затворањето на депонијата Краста, изјави денеска градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во одговорот до опозициската ВМРО-ДПМНЕ која на прес конференција упати забелешка дека ветувањето на Димитриевски се уште не е реализирано.

Истата програма, како што посочи Димитриевски е опфатена во регионалното решавање на стратегијата за справување со отпад која се решава во Североисточниот и Источниот плански регион.

– Нашата депонија во моментов е обезбедена, поставени се камери и истата е под целосна контрола на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ и е во моментов една од најуредените и најобезбедните депонии во Република Македонија. Целта на проектот за справување со отпадот за овие два региони предвидува истата депонија да се трансформира во трансфер станица на која ќе биде носен отпадот со специјални камиони за транспорт на отпад. Истиот отпад ќе биде префрлан во поголеми камиони и контејнери за трансфер на поголема количина на смет и истиот ќе биде депониран во планираната фабрика за преработка на топад на локација на Општина Свети Николе, истакна Димитриевски.

Loading...

Грантот за овие два региони е 35 милиони евра, а како што рече Димитриевски, ќе се формира заедничко јавно претпријатие, а Општина Куманово ќе биде дел од овој голем проект на ЕУ.

– На планот на депнирање на отпадот се меѓу првите општини кои отпочнавме со пилот проект за примарна селекција на отпадот и тој проект го претставивме во јавноста минатата недела. Знаете дека на 16 локации има специјални контејнери за смет со примарна селекција за хартија, стакло и пластика и апелирам до граѓаните во овој период овие контејнери да ги искористиме и истите се обидеме да отпочнеме со примарна селекција на отпад. Тоа е цел процес кој ќе следи и за кој јавноста и граѓаните се едуцираат во најмалите години и нашата интенција е Куманово да биде уредна и чиста општина на која ќе нема смет и едноставно ќе заличиме на европските држави, но тоа е процес низ кој сите ние треба да поминеме, изјави Димитриевски.

Што се однесува до депонијата Краста, градоначалникот на Општина Куманово истакна дека најголем дел од земјата која се изнесува од поголеми ископи од градот се носи на оваа депонија и истата се постела на постоечката депонија при што доаѓа до пожари поради подземни гасови.

– Педесетина години таму се изнесува смет и на такви депонии пожарите се чести. Има соодветна опрема, има инсталирана вага за мерење на селектираниот отпад што треба да донесе бенефит на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, додаде Димитриевски.

Според првиот човек на општината тоа е добар начин да се подобри финансиската состјоба во комуналното претпријатие со што ќе се дојде до почист град и почиста животна средина.

Leave a Reply