Денес се чествува свети Спиридон – заштитник на занаетчиите

Сподели со своите пријатели

Православните верници денес го слават името на свети Спиридон, заштитник на занаетчиите. Како што велат чевларите, иако светецот е заштитник на сите занаетчии, денеска најмногу се собираат чевларите, а порано доаѓале и крзнарите и кожарите.

Свети Спиридон е христијански светец, роден на островот Кипар, во времето на Константин Велики. Во младоста се оженил и имал деца. По смртта на неговата сопруга, тој остатокот од својот живот го посветил на Бог. Тој бил епископ на кипарскиот град Тримитунт.

Loading...

Свети Спиридон учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, застапувајќи ја страната на Свети Александар Александриски против аријанството.

Според православната традиција, тој бил облечен толку просто, што кога еднаш поканет од императорот сакал да влезе во царскиот дворец, војникот мислејќи дека е некој просјак му удрил шлаканица. Кроткиот и незлоблив Спиридон му го завртил и другиот образ.

Починал во 348 година. Неговите мошти се наоѓаат на островот Крф.

На неговиот гроб кога доаѓале верниците биле сведоци на многу чудеса кои се случувале пред нив. Во 7 век неговите свети мошти се пренесени во Цариград, а по паѓањето на градот под турско робство моштите се пренесени во градот Киркера на островот Крф.

Неговото тело и денес е се уште цело и нераспадливо, што е најголемо чудо над сите чуда, бидејќи се знае дека се упокоил во 4 век.