Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ од Куманово почна со реализација на пролетните акции за чистење на приградските и руралните средини во кумановско, информираа денеска, надлежните од претпријатието.
Екипите на „Чистота и Зеленило“ веќе ја исчистија населбата „Вера Которка“ и излезот од населбата „Диво Насеље“ кон село Романовце.
-Исчистен е отпадот покрај патот, измиен е коловозот од кал и песок, искастрени се гранките покрај патиштата, остранет е сметот-изјави, директорот на јавното претпријатие, Даниел Стојчевски.
Овие акции почнаа да се спроведуваат лани, а годинава ќе продолжат до крајот на летово секоја сабота и ќе опфатат приближно триесетина приградски и рурални средини. Акциите се спроведуваат надвор од програмата на претпријатието.
-Апелирам до граѓаните да не создаваат смет на еднаш исчистените локации и ги повикувам да ни се придружат во расчистувањето и уредувањето на нивните локални места-повика Стојчевски.
МИА