Царовска: Учениците од најрана возраст треба да научат да препознаваат, да се гласни и да дејствуваат против сите форми на насилство

Сподели со своите пријатели

Насилството не смееме да го премолчиме. Сите заеднички треба да дејствуваме. Затоа, со новата Концепција, кај учениците уште од најрана возраст развиваме свесност и ги учиме да ги препознаваат и гласно да зборуваат против сите форми на насилство, вклучувајќи го и насилството врз девојчињата и жените. Постојаното гласно зборување и дејствување против родово базирано насилство ја зајакнува борбата и нé прави уште посилни и солидарни во добивањето на оваа важна битка, а одбележувањето на 16 дена активизам е само потсетник дека гласноста и преземањето конкретни активности се најмоќните оружја за искоренување на сите форми на насилство, дискриминација и нетолеранција. Ова е пораката со која на својот ФБ профил министерката за образование и наука Мила Царовска, се приклучи кон одбележувањето на повеќе од две неделниот активизам.

Loading...

Царовска која е и долгогодишна активистка во борбата и јакнењето на женските права, истакна дека МОН посветено работи низ образовниот процес да ја подигне свесноста кај учениците за родово базираното, но и воопшто за сите други форми на насилство, што треба да придонесе за намалување и искоренување на насилството во сите сегменти во општеството.

Токму во таа насока се и заложбите на Министерството за образование и наука- со воведувањето на новата Концепција, учениците низ образовниот процес да се стекнат со основните општествени вредности како што се толеранцијата, почитувањето на различностите и еднаквоста. Со реформските процеси учениците од најрана возраст учат да препознаваат и да дејствуваат против ненасилно однесување со што треба да придонесеме за намалување на насилството во општеството.

Чекор напред во оваа борба е и повлекувањето на учебниците кои содржат родови стереотипи и поттикнуваат агресивност и понижување. Од оваа учебна година има нови наставни материјали кои ја унапредуваат родовата еднаквост и различностите.

Позитивно влијание треба да има и воведувањето на сексуалното образование во 9–то одделение, како и јакнењето на стручните служби во основните и средните училишта кои ќе работат на заштита на менталното здравје на учениците и на наставниците.
Освен во образованието, изминатите години владата направи многу за превенција и заштита од родово базирано насилство. Ратификувана е Истанбулската конвенција, засилена е мрежата за помош и поддршка и поставување механизми за едукација и превенција. Но, ова е битка која мораме да ја водиме сите заедно, како општество.

Интегрално соопштение: Министерство за образование и наука