Русија подготвува пет можни сценарија за проширување на војната низ северна Украина и планира да мобилизира дополнителни 100.000 војници, предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски рече дека украинското воено раководство анализирало разузнавачки податоци за можни руски операции во правец на Чернигов и Киев.
„Подготвуваме одговор за секое можно сценарио на непријателски дејствија ако Русите навистина се осмелат да ја прошират својата агресија. Нашите сили во таа област ќе бидат дополнително зајакнати“, рече тој.
Тој додаде дека Русија подготвува нови мерки за мобилизација кои би можеле да вклучат уште 100.000 луѓе, објавува Киев Пост.
Според проценките на Киев, Москва во моментов нема капацитет за тајна мобилизација од таков обем, но би можела да одлучи за други политички потези.
Зеленски, исто така, најави проширување на украинските напади со беспилотни летала на долг дострел на руска територија, посочувајќи дека ваквите операции веќе ја намалиле способноста на Русија за борба.
„Украина сигурно ќе се брани, а нашата задача сега е да ја зајакнеме државата, така што ниту едно од петте руски сценарија за ширење на војната низ северниот дел на Украина нема да успее“, рече тој.
Во исто време, Белорусија започна заеднички воени вежби со Русија кои вклучуваат употреба на нуклеарно оружје, објави белоруското Министерство за одбрана.
Според Минск, целта на вежбите е да се зголеми подготвеноста за употреба на „современи средства за уништување, вклучително и специјална муниција“.
Во нив учествуваат ракетни и авијациски единици, а фокусот е на распоредување на сили и операции од неподготвени локации.
Минск тврди дека вежбите не се насочени против други земји, но остануваат прашања за улогата на Белорусија во операциите поврзани со нуклеарно оружје.
Зеленски претходно изјави дека украинските разузнавачки служби имаат докази дека Русија се обидува да ја вовлече Белорусија подлабоко во војната против Украина, како и во можни идни операции против членките на НАТО.
Белорускиот лидер Александар Лукашенко претходно најави ротациона мобилизација на одредени единици со цел да се подготви за евентуална „копнена операција“, велејќи дека земјата „се подготвува за војна“.

