Процесот на проширување на Европската унија (ЕУ), иако е геополитичка неопходност, трае предолго и затоа се потребни иновативни решенија за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан и Молдавија, додека на Украина ѝ е потребно придружно членство во Унијата, изјави во четврток германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Во писмо упатено до претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и Никос Христодулидис, претседателот на Кипар кој претседава со Советот на ЕУ, Мерц нагласи дека ЕУ треба да остане посветена на ветувањето дека земјите од Западен Балкан и Молдавија можат да се приклучат кон ЕУ.
„Предлагам да најдеме иновативни решенија за оние кандидати кои долго време се подготвуваат за членство и да го забрзаме нивниот процес на пристапување“, напиша Мерц во писмото што го испрати на 18 мај, кое беше објавено денес.
Како пример за такви решенија, тој ги наведе привилегираниот пристап до единствениот пазар на ЕУ и поблиските врски со европските институции при донесувањето секојдневни одлуки.
Ова, изјави тој, може да се постигне со „доделување статус на набљудувач на земјите од Западен Балкан во сите релевантни институции на ЕУ и одржување заеднички седници на Европската комисија и Европскиот парламент со претставници на земјите од Западен Балкан за сите прашања директно поврзани со тој регион“.
Постепената интеграција може да се постигне со „фазни чекори“ што би биле основа за целосна интеграција во одредени области од политиката на ЕУ и би биле придружени со зголемена поддршка за примена на законодавството на ЕУ во тие области, според писмото на германскиот канцелар.
„Сето ова би можело значително да ги приближи земјите-кандидатки до ЕУ и да создаде нова амбиција за спроведување на дополнителни реформи потребни за полноправно членство“, рече Мерц.
Што се однесува до Украина, Мерц оцени дека со оглед на одбраната на Киев од руската агресија, јасно е дека процесот на преговори со ЕУ нема да биде завршен толку брзо и затоа ЕУ мора да дејствува многу побрзо со „иновативни решенија“.
„Затоа мислам дека треба веднаш и без одложување формално да ги отвориме сите поглавја од преговорите“ со Украина, рече Мерц и предложи да се разгледа неговата идеја за „придружно членство“.
Тој објасни дека таков статус на придружна членка би значел дека Украина би можела да учествува на состаноците на Европскиот совет и Советот на ЕУ, но без право на глас.

