Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, информираше дека интензивно се реализираат инфраструктурните проекти финансирани преку средствата од т.н. унгарски кредит.
Продолжуваат и активностите за реконструкција и ставање во функција на спортската сала во Куманово, исто така со средства од повикот на владата.
Според Димитриевски, во тек е реализацијата на фазата за греење и ладење во Спортската сала, проект кој е дел од пошироката реконструкција на објектот.
– Што се однесува за фазата греење – ладење во спортската сала, во тек е постапката, некаде е завршено повеќе од 50 проценти. Тоа е согласно онаа апликација за парите од унгарскиот кредит и партерното уредување, изјави Димитриевски.
Тој потенцираше дека станува збор за крупен проект кој не може да биде целосно реализиран во краток временски период, но нагласи дека целта на локалната власт е објектот конечно целосно да биде ставен во функција.
– Ова е еден голем проект којшто не може да се заврши во една година, но целта ни е заедно со Советот целосно да го ставиме во функција овој објект, рече градоначалникот.
Димитриевски посочи дека по завршувањето на реконструкцијата, следен голем предизвик ќе биде одржувањето на спортската сала.
– Вториот момент којшто ќе биде многу потежок е како истиот да се одржува. Веќе знаете дека ваквите спортски објекти се многу скапи за одржување во делот на елементарните трошоци коишто ги генерираат, додаде тој.
Во однос на проектите финансирани преку владината програма и средствата од унгарскиот кредит, Димитриевски истакна дека станува збор за околу 30 инфраструктурни проекти низ Куманово.
– Над 50 проценти од сите апликации, тоа се некаде околу 30 инфраструктурни проекти, веќе се воведени во работа, а половина од нив веќе се работат“, изјави тој.
Како што појасни, дел од проектите ќе стартуваат по обезбедувањето дополнителни средства преку ребалансот на државниот буџет, со цел да не се доведат изведувачите во финансиски проблеми.
– Внимаваме на постапката за да не дојдеме во несакана ситуација да ги заглавиме самите фирми изведувачи во финансиски вакуум, каде што подолг временски период не би можеле да им ги надоместиме извршените работи, рече Димитриевски.
Тој оцени дека динамиката на терен е задоволителна и дека проектите што се активни во моментов се реализираат со добар интензитет.
Градоначалникот додаде дека Куманово годинава има изразена развојна компонента на буџетот со триесетина проекти и најави обиди за обезбедување уште поголеми средства за следната година.
„Куманово има развојна компонента. Оваа година имаме триесетина проекти и верувам дека сето тоа ќе биде реализирано, а да се обидеме да обезбедиме поголеми средства веќе за следната година да имаме уште поголема развојна компонента и градежна експанзија“, истакна Димитриевски.
Воедно, тој упати апел до граѓаните редовно да ги подмируваат своите даночни и комунални обврски, нагласувајќи дека токму тие средства се предуслов за нови инвестиции и развој на општината.
„Ако не платите данок, не можете ни да очекувате дека ќе имате инвестиција. Ако не платите комунални давачки кога градите и градите на диво, не можете да очекувате утре дека ќе имате инвестиција. Само заедно можеме да го изградиме Куманово да биде убаво и почисто место за живеење“, порача градоначалникот.
Никола Ивановски

