Американскиот Сенат ја отфрли двопартиската резолуција со која се бараше ограничување на овластувањата на претседателот Доналд Трамп да спроведува воени операции против Иран, оставајќи простор администрацијата да продолжи со нападите без ново одобрение од Конгресот.
Резолуцијата за воени овластувања беше отфрлена со 53 гласови „за“ и 47 „против“, при што повеќето сенатори гласаа по партиска линија.
Предлогот повикуваше на запирање на американските воени операции против Иран, освен ако Конгресот конкретно не ги одобри.
Демократскиот сенатор и лидер на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер, предупреди пред гласањето дека американската администрација може да ја вовлече земјата во нов долготраен конфликт на Блискиот Исток.
„Дали стоите со американскиот народ, кој е исцрпен од бесконечните војни на Блискиот Исток, или со Доналд Трамп и министерот за одбрана кои нè водат во нова војна?“, ги праша Шумер сенаторите.
Демократите тврдат дека претседателот Трамп ја маргинализирал улогата на Конгресот и понудил различни објаснувања за започнувањето на воената операција, според Би-Би-Си.
Од друга страна, републиканците главно ја бранеa одлуката на претседателот.
Републиканската сенаторка Сузан Колинс изјави дека усвојувањето на резолуцијата ќе испрати погрешна порака до Иран и американската војска.
„Во овој момент, исклучително е важно да им се даде недвосмислена поддршка на нашите војници, додека администрацијата продолжува да се консултира со Конгресот“, рече Колинс.
Иако гласањето беше речиси целосно поделено по партиски линии, двајца сенатори пребегнаа. Демократскиот сенатор Џон Фетерман гласаше против резолуцијата, додека републиканскиот сенатор Ранд Пол поддржа предлог што би ги ограничил воените овластувања на претседателот.
Соединетите Американски Држави и Израел започнаа воздушни напади врз цели во Иран во текот на викендот.
Техеран одговори со напади врз Израел и врз сојузниците на САД во земјите од Персискиот Залив. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет предупреди дека конфликтот може да трае до осум недели, што е речиси двојно подолго од проценките претходно презентирани од претседателот Трамп.

