Кина се подготвува за војна за повторно освојување на Тајван, изјави водечки политичар на островот во Вашингтон, предупредувајќи дека падот на Тајван би предизвикал регионален „домино ефект“ што би ја загрозил безбедноста на Соединетите Американски Држави.
Претседателот на Советот за копнени работи на Тајван, Чиу Чуи-ченг, изјави за Фондацијата Херитиџ со седиште во Вашингтон дека владејачката Комунистичка партија на Кина долго време одбива да се откаже од употребата на сила против демократски управуваниот Тајван, кој го смета за дел од својата територија.
Чиу рече дека Кина, барајќи „обединување со Тајван“, сака да го исклучи американското влијание од Азиско-пацифичкиот регион и на крајот да ги замени САД како глобален лидер „со цел да ја врати националната слава и да го оствари таканаречениот кинески сон.
Пекинг, додаде тој, „активно се подготвува за војна“ и ја зголемува кинеската воена активност околу островот.
„Ако Кина го преземе Тајван со сила, тоа ќе предизвика домино ефект, ќе ја поткопа регионалната рамнотежа на моќ и директно ќе ја загрози безбедноста и просперитетот на САД“, рече Чиу.
САД се најважниот меѓународен поддржувач и снабдувач со оружје на Тајван, и покрај недостатокот на формални дипломатски врски, а Чиу рече дека Тајпеј ја цени потврдата на таа посветеност под претседателот Доналд Трамп.
Тој истакна дека Тајван, водечкиот светски производител на врвни компјутерски чипови, е центар на глобалната високотехнолошка индустрија.
„Ако улогата на Тајван во ова биде компромитирана, тоа би бил огромен губиток за меѓународната заедница, особено за САД и нејзината технолошка индустрија“, рече тој.
Кина: Ќе вложиме максимални напори за обединување
Владата на Тајван отфрла Тврдењата на Пекинг за суверенитет, велејќи дека само народот на островот може да одлучи за својата иднина.
Посетите на високи тајвански функционери на Соединетите Американски Држави се ретки во споредба со оние на главните сојузници на САД, а нивните патувања се генерално многу помалку истакнати.
Кинеската амбасада во Вашингтон соопшти дека Пекинг е подготвен да „работи со најголема искреност и да вложи максимални напори за постигнување мирно повторно обединување со Тајван“.
„Во меѓувреме, Кина ќе преземе сите потребни мерки за одбрана на националниот суверенитет и територијалниот интегритет и цврсто ќе се спротивстави на сепаратизмот за независност на Тајван и надворешното мешање“, рече портпаролот Лиу Пенгју во одговор испратен по е-пошта на прашање за забелешките на Чиу.
Непосредно пред говорот на Чиу, кинеската војска го осуди преминувањето на американски и британски воени бродови низ Тајванскиот теснец.