Американскиот претседател Доналд Трамп ја отпушти гувернерката на Федералните резерви (ФЕД) Лиза Кук, објави CNN повикувајќи се на писмо испратено до неа на социјалните мрежи.
Според CNN, ова е прв случај претседател да отпушти гувернер на централна банка во 111-годишната историја на институцијата.
Овој невиден потег претставува значајна ескалација на борбата на претседателот против Федералните резерви, претходно обвинувајќи ја Федералната банка дека предолго ги намалува каматните стапки.
Кук неодамна беше критикувана од Трамп и членовите на неговата администрација поради наводна измама со хипотеки.
Министерството за правда соопшти дека планира да ги истражи обвинувањата, кои првпат ги изнесе директорот за финансирање на федералните станбени кредити, Бил Пулт.
Лиза Кук не е обвинета за никакво нелегално дело, потсетува CNN.
Според извештаите од западните агенции, Трамп напишал во писмо до Лиза Кук, кое го објавил на својата мрежа Truth Social во понеделник, дека има „доволно причини да се верува“ дека гувернерката дала лажни изјави.
Во 2021 година, Лиза Кук на посебни документи за хипотека за имоти во Мичиген и Џорџија навела дека и двете биле нејзини примарни резиденции.
Според американскиот закон, претседателот може да ги разреши гувернерите на ФЕД само од основана причина, што ја зголемува можноста одлуката на Трамп да биде предмет на правни оспорувања, соопштија агенциите.