21 литар дожд во Куманово, излеани Крива река и Пчиња

Сподели со своите пријатели

Според синоптичките податоци на Управата за хидрометеоролошки информации во Куманово во изминатото деноноќие паднале 21 литар воден талог на метар квадратен.

Loading...

Најмногу дожд има во Пожаране 48 литри, а најмалку во Претор 12.

Како што стои во извештајот на УХМР, има локални излевања на реката Вардар кај Рашче, Крива река и Пчиња во кумановскиот регион, водотеци во охридскиот и битолскиот регион.

Излеани реки во кумановско, поплави во повеќе села (ФОТО)

Поради заситената почва со влага има појава на заезерување во одредени рамници и делови на Пелагонија и Полог.

– Врнежите кои паднаа во изминатите 24 часа дополнително ги зголемија нивоата кај сите водотеци и езера низ државата. На сите хидролошки станици од националната хидролошка мрежа има пораст на водостоите, а особени покачувања бележиме кај Вардар – горен тек, каде на Јегуновце во однос на вчерашните податоци бележиме покачување од 114 сантиметри. Реката Лепенец кај Скопје 45 сантиметри, Вардар кај Скопје 45 сантиметри, река Треска кај Македонски брод покачување од 87 сантиметри, на Црна река – Новаци 100 сантиметри, реката Радика – Бошков мост 66 сантиметри. Кај езерата во однос на минатиот понеделник бележиме покачување и тоа кај Охрид од 9 сантиметри, Преспа од четири и кај Дојран од еден сантиметар, велат од УХМР.

Во однос на временската состојба, се очекува водостоите кај водотеците и езерата и понатаму да бидат во покачување.

– Како најкритични ги посочуваме реките Вардар горен и среден тек, Треска, Лепенец, Пчиња, Крива река, Црна река, Радика, Сатеска и нивните притоки. Во текот на денот доколку има појава на интензивни врнежи на југот и југоистокот, се очекува продолжен пораст на водостојот и на водотеците од овој дел на државата и тоа реките Брегалница, Струмица, Анска, Тркајна и други, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Loading...

Оттаму предупредуваат на внимателно движење покрај водотеците, суводолиците и клисурите, поради можност на појава на големи води, излевања, свлечишта и одрони.

Никола Ивановски

Leave a Reply