ЖРК Куманово изгуби во скандалозен натпревар во купот против ЖРК Металург

Сподели со своите пријатели

Женскиот ракометен тим од Куманово го одигра најдобриот натпревар оваа сезона во купот на Македонија. Како што велат од управата на клубот, прегрубата игра на гостинските ракометарки беше толерирана од страна на судиите, беа постигнати неколку сомнителни голови, досудени непостоечки седмерци, и многу очигледни ситуации кои што влијаеа на менталниот склоп кај кумановки. На моменти некои одлуки наликуваа како да не се работи за натпревар од купот, туку за скриена камера.

Капитенот Викторија Пеовска постигна еврогол од од девет метри на крајот од првото полувреме, па првиот дел од средбата заврши со резултат 10:16.

Второто полувреме одлично го започна ЖРК Куманово, меѓутоа кога домашните ракометарки заиграа подобро и кога со серија од неколку голови се доближуваа, повторно главна улога имаа судиите. Особено при очигледен аут за домашната екипа, прегруби фаули не беа досудени со исклучување за гостинската екипа и много слични ситуации. И покрај таквите одлуки ЖРК Куманово го доби ЖРК Металург со резултат 18:17 во второто полувреме, а натпреварот заврши со резултат 28:33.

Александра Боризовска беше фантастична во нападот кај домашниот и постигна 11 гола, потоа капитенот Викторија Пеовска постигна 4 гола, а голем придонес дадоа и останатите ракометарки.

Одигравме натпревар како што сакавме борбено до последната минута. Неколку судиски одлуки во првото полувреме не уништија психички. Се работи за млади ракометарки кои што за противник во 60те минути имаа 9 противници на теренот, 7 гостински ракометарки и двајца судии. Со нивните скандалозни одлуки го упропастија дербито од купот на Македонија. Жал ни е за публиката која што дојде во огромен број да не бодри на овој натпревар, не успеавме да оствариме позитивен резултати и што беше сведок на таканаречени судии во Македонија – велат од клубот.

Тимот на ЖРК Куманово следниот натпревар го игра во сабота на 29.04.2017 против тимот на ЖРК Вардар СЦЈС од Скопје во спортската сала Јане Сандански од 15:30 часот.