Започна уписот во средните училишта, најголем интерес во Гимназијата „Гоце Делчев“

Сподели со своите пријатели

Во средните училишта ширум државата денеска започнува првиот уписен рок за учебната 2017 -2018 година.

Вкупно 374 места се слободни во кумановската гимназија, а за разлика од минатите години кога првите две беа со општа образовна струка, оваа година има измени во законот.

Распоредени се во 10 паралелки на македонски и една паралелка на српски наставен јазик. Посебно сакам да ја истакнам билингвалната паралелка која е дел од билингвалниот проект кој овозможува изучување на францускиот јазик. Учениците веднаш во прва година треба да изберат подрачје кое ќе го изучуваат. Може да бираат помеѓу природно-математичко, комбинација А и Б, општествено-хуманистичко подрачје А и Б, како и јазично-уметничко подрачје А и Б. Минимум поени за упис во овој рок се 60, а максимален број на поени што може да освојат основците се 80 поени – изјави Соња Тодоровска, директор на СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.

При упис учениците треба да донесат свидетелства од основното образование, упис од матична книга на родени, а пријава за запишување добиваат во самите училишта.

Очекуваме да се исполни бројот уште во првиот круг затоа што гимназијата отсекогаш будела голем интерес. Јас во оваа прилика сакам да им посакам среќно и успешно запишување на сите основци во посакуваното училиште и подрачје – додава Тодоровска која им посака топло добредојде на оние кои денеска се појавија во кумановската гимназија.

Според податоците со кои располага Секторот за образование при Општина Куманово вкупно 2.500 основци можат да се запишат во кумановските училишта, но во просек изминатите неколку години таа бројка изнесува околу 1.500.

 

Loading...