Во Општина Старо Нагоричане отсечени сите села

loading...

Сите села на потегот на Општина Нагоричане се завеани и отсечени откако големи количини снег се навеани во текот на ноќта, ова утринава за Кумановски Муабети го соопштија од Регионалниот центар за управување со кризи.

На подрачјето на Општина Куманово, утринава граѓанин на селото Пчиња пријавил дека локалниот пат е завеан и непрооден, а дека селото е без електрична енергија. Без електрична енергија од доцна вчеравечер се и селата на потегот на Старо Нагоричане: Пелинце, Келинце, Трновац, Старо Нагоричане, Драгоманце и Младо Нагоричане, како и неколку викендици околу фабриката „Бонум“.

Од кумановската подружница на „Македонија ПАТ“ сепак велат дека сите патни правци се во добра состојба  и дека сообракајот се одвива по  влажни коловози проследени  со  снег на  коловозите.

Сообраќајот се одвива во зимски услови, а екипите се на терен и ги опесочуваат улиците, на осојничавите места се фрлаше сол со ризла – велат од „Македонија пат“ – Куманово.

Во попладвнените часови отежнат бил сообраќајот на потегот Спомен Костурница – населба Карпош, по што граѓани пријавиле во Регионалниот центар за управување со кризи, од каде пак ги алармирале надлежните во општината да испратат тешка механизација за нормализирање на сообраќајот.

Отежнато се одвива и сообраќајот на граничниот премин Табановце каде на патот имало доста снег и сообраќајот се одвивал отежнато, но по интервенција на „Македонија-пат“ патот бил исчистен. Отежнат сообраќај се одвива и по патиштата низ селата Никуштак и Умин Дол.

Кон Крива Паланка сообраќајот се одвива доста отежнато, а на одредени местаима и наноси од снег, а сообраќајот се одвива во тешки зимски услови. Во текот на ноќта од страна на „Македонија пат“ биле фрлени околу 200 тони ризла и 70 тони сол на патот Куманово – Крива Паланка.

Иако од Општина Куманово добивме информација за фрлени 30 тони сол, од Регионалниот центар за управување со кризи стои бројка од 40 тони сол фрлени низ кумановските улици во централното градско подрачје и периферијата. Локалните патни правци се проодни, а поголеми проблеми имало во селата Тромеѓа и Четирце каде тешка механизација интервенирала во текот на вечерните часови.

Повеќе снег, како што стои во извештајот, има на повисоките селски населби и нивното расчистување се очекува да продолжи во текот на денешниот ден.

До Регионалниот центар за управување со кризи немало посебни дојави од граѓаните на Општина Липково, каде навеале околу десетина сантиметри снег. Сите населени места имаат струја, а коловозите се прочистуваат редовно. Локалната самоуправа со тешка механизација се справувала со снегот во текот на вечерните часови, по што снегот продолжил да паѓа со ослабнат интензитет.

 


Loading...

Последни наслови

Facebook Comments