Соработката меѓу царините на Македонија и Србија на високо ниво, констатирано на средба во Белград

Сподели со своите пријатели

Билатерална средба помеѓу делегации на Царинските управи на Република Македонија и Република Србија предводени од директорите на двете институтции се одржа во Белград. Средбата беше во насока на зајакнување на соработката помеѓу двете земји, воспоставена во рамките на Спогодбата за билатерална соработка помеѓу Република Македонија  и Република Србија за соработка и заемна помош за царинските работи, соработката во рамките на Догoворот за слободна трговија (ЦЕФТА), како и соработката на граничните премини.

Делегациите предводени од директорите на царинските служби Ѓоко Танасоски  и Милош Томиќ, како што денеска соопшти Царинската урпава на РМ, разговараа за повеќе теми од интерес за унапредување на заемната соработка, како и за придонесот кон понатамошно забрзување на преминувањето на границата на граничните премини.

На средбата е констатирано дека соработката меѓу двете царински служби е на високо ниво, што е потврдено со фактот што сите оперативни проблеми  на најфреквентниот заеднички  граничен премин Прешево – Табановце се надминуваат брзо и ефикасно.

На состанокот е разгледана  соработката во рамките на Спогодбата за заемна помош по царински прашања, Протоколот за размена на царински информации (SEED), во насока на постигнување на поголема брзина при размената и оперативност.

Исто така, е истакнато дека во текот на последните десет години, двете царински управи  активно соработуваат во имплементацијата на Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) и дека понатамошното продлабочување на оваа соработка е од интерес за двете држави како и за целиот регион.

Извор: МИА

Loading...