Седници на четири собраниски комисии

Сподели со своите пријатели

Во Собарнието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за одбрана и безбедност, за европски прашања, за надворешна политика и Законодавно-правната комисија.

Собраниската Комисија за одбрана и безбедност ќе расправа за Предлог-одлуката за испраќање припадник на Армијата на Република Македонија за учество во мировна операција на Европската Унија, „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.

Предвидено е од декември 2017 до јуни 2018 година да се испрати доктор во Тимот на доктори за Role 1 Medical Facilities, во кампот Бутмир, во Сараево. Финансиските трошоци за транспорт, плати, надоместоци на плати, логистичките трошоци на припадникот на Армијата, подготовките и организацијата за учество во мировната операција ги обезбедува Министерството за одбрана.

На дневен ред на Комисијата за европски прашања е Предлог – законот за рестриктивни мерки, во прво читање.

Членовите на Комисијата за надворешна политика ќе расправаат за Предлог-законот за рестриктивни мерки, во прво читање, за Предлог-законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина за заемно признавање и замена на возачки дозволи и за Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина за меѓусебно ослободување од визи за носителите на дипломатски и службени пасоши.

Законодавно-правната комисија ќе ги разгледа сите законски решенија кои се на дневен ред на овие собраниски комисии.

Извор: МИА

Loading...