ПРОГЛАСЕНА ЖОЛТА ФАЗА: Денеска уште потопло со температури до 37 степени

Сподели со своите пријатели

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во западните делови ќе дува умерен ветер од западен, а во останантите слаб до умерен од северозападне правец, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Кон крајот на денот не е исклучена изолирана појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19 степени, додека максималните ќе бидат во интервал од 31 до 37 степени целзиусови.

Во Куманово и околината денеска ќе имаме претежно сончево и топло време со услови за грмотевици и наоблачувања во попладневните и вечерните часови, а максималната дневна температура ќе изнесува 34 степени целзиусови.

Властите прогласија жолта алертна фаза на територијата на цела Република Македонија, а Министерството за здравство излезе со препораки да се избегнува директна сончева изложеност и престој на отворено од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, заштитни очила и капа, консумирање лесна храна и течности, најдобро обична вода и избегнување алкохолни пијалаци.

Посебно препорачува хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија.

„Во текот на ваквите екстремно топли денови, останете во затворени простории, пред сè климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор најдете можност за почести одмори под сенка. Пред влегување во возило, тоа да се проветри, да се внимава при подготовка и консумирање на храната, да се избегнуваат термички необработени производи, како мајонез од домашни јајца, и внимателно да се јадат сладолед и разни кремови“, се препораките на Министерството.

Следува период на претежно стабилно и многу топло време. Мaксималните температури ќе бидат над 30, а долж Повардарието и над 35 степени. Преку денот ќе има појава на умерена облачност, а можна е и изолирана појава на краткотраен дожд и грмежи.

Повеќе услови за нестабилност има во сабота и во понеделник.