Православните верници го чествуваат Крстовден

Сподели со своите пријатели

Воздвижение на Чесниот Крст Крстовден — значаен христијански празник од есенскиот циклус, еден од 12те големи празници, којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 14 септември, односно на 27 септември по стариот календар.

Крстовден е празник на пост и покајание. Овој ден се празнува во чест на наоѓањето на крстот врз кој бил распнат Исус Христос, наречен Чесен Крст, и во чест на неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.

На овој ден верните се потсетуваат на распнатиот Богочовек, на Крстот достоен за безусловна верност, и на неизбежното спасение кое доаѓа преку Христовото Распетие и сораспнувањето со Него. За време на празникот, Крстот е положен во центарот на Храмот, окружен со цвеќа и гранчиња босилек.

Во чест на овие два настана: наоѓањето на Чесниот Крст и неговото враќање од заробеништво се празнува празникот Воздвижение на Чесниот Крст. По првиот настан празникот се празнувал локално, а по вториот добил општохристијанска димензија. За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.

На денешниот празник во кумановското село Довезенце е осветена црквата „Свети Ѓорѓи“.