Поранешни функционери на МВР од Куманово, Струмица и Скопје под истрага на ОЈО

Сподели со своите пријатели

Поранешни функционери на Министерството за внатрешни работи од Куманово, Струмица и Скопје деновиве се „под лупа“  на Основното јавно обвинителство поради сомнение вршеле влијание врз гласачите преку различни форми.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека работејќи континуирано на откривање и гонење на организираниот криминал и корупција, спроведува предистражни постапки за утврдување на постоење на основи на сомневање за организирано извршени кривични дела против изборите и злоупотреби на службените овластувања во вршење на функцијата од страна на поранешни високи функционери на МВР на РМ и други физички и правни лица од Скопје, Куманово и Струмица. Делата за кои се водат постапките се вршени во текот на 2014 и 2016 година. Постојат основи на сомнение дека лицата вршеле влијание врз начинот на гласањето преку различни форми за време на изборите, со што ги сториле кривичните дела.

Во насока на целосно утврдување на фактичката состојба, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  презема  дејствија на вршење проверки и прибавување на потребни известувања, податоци и докази – стои во соопштението кое ОЈО го објави на својот интернет сајт.

За кои функционери станува збор не се знае, поради тајноста на предистражната постапка. Но, само неколку дена откако завршија изборите јавни обвинители во придружба со специјалци упаднаа во домот на началникот на СВР Куманово, но како што рекоа тогаш не да го апсат, туку да бараат документи за потпук и притисок врз гласачи. Од тогаш до сега ОЈО и МВР не излегоа со детали за акцијата, а началникот ја оквалификуваше како политичка хајка од страна на поранешниот премиер Груевски и јавниот обвинител Марко Зврлевски.