Околу 50 учесници пријавени на првиот Street workout натпревар во Куманово

Сподели со своите пријатели

Подготовките за првиот Меѓународен Street workout натпревар на македонско тло кој во недела ќе се одржи во Куманово се при крај, а до сега се пријавени околу 50 учесници од Македонија, Србија и Бугарија.

Настанот се очекува да започне во 11 часот во „Гладијатор“ арената, односно мини паркот зад СОУ „Перо Наков“ каде членовите на Бар Гладијаторс со свои лични средства го имаат уредено целиот простор.

Медалите и пехарите за најдобрите се веќе готови, утврдени се и правила на бодување за сите кои се во борба за пехар: златен медал ќе се бодува со 4 поени, сребрениот со 2 и бронзата со еден поен, а натпреварувањето ќе се одвива во седум дисциплини.

Во случај на нерешен број на бодови, победник ќе биде натпреварувачот со повеќе освоени златни медали. Во случај на нерешен резултат кај жените, пехарот ќе отиде кај натпреварувачката чиј вкупен број на склекови и чучњеви е поголем заедно.

Според информациите од организаторот специјален гостин на настанот се очекува да биде македонската печајка Елена Ристеска.