ОК на ВМРО-ДПМНЕ со честитка по повод Денот на востанието

Сподели со своите пријатели

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните на Куманово им го честита 75-годишниот јубилеј од почетокот на големото Народно востание, 11-ти Октомври:

Славејќи го јубилејниот почеток на Народното востание, граѓаните на Куманово не си спомнуваат единствено за истрелот на првата пушка како најчеста историографска одредница на градот и кумановското граѓанство, туку, уште повеќе, за плодоносниот придонес на кумановците во втемелувањето на македонската државност преку Народноослободителната војна.

Пред 75 години кумановки и кумановци немаа дилема дали слободата и мирот на трудољубивото население можеа да се гарантираат со ветувања и акти на новата окупаторска управа или слободата и мирот се заслужуваат со лична и колективна саможртва!

Историјата несомнено утврди дека младата кумановска интелигенција целосно ги разбираше предизвиците на новото време и затоа храбро се одлучи, рамо до рамо со останатите македонски сонародници, во герилска борба да се спротивстави на ветениот – праведен, а во суштина – поробувачки поредок.

Водени од историски, блиското, илинденско искуство и комитската револуционерна традиција и одзивајќи се на одекот од Карпошовото востание, кумановските партизани ја заслужија привилегијата, како нови карпошовци, преку вториот Илинден – АСНОМ, да се запишат во темелите на современата македонска република.

Непокорот и истрајноста се испишан крвав завет на кумановските карпошовци како единствена вистина за црвено Куманово и како најдобро оружје против премрежијата и на нашата и на идните генерации!

За многу години нека е празникот и за вечен спомен на карпошовците! – стои во честитката од ОК ВМРО-ДПМНЕ Куманово.