Меркел: По Брегзит, ЕУ треба да биде обединета

Сподели со своите пријатели

Германската канцеларка Ангела Меркел на Светскиот економски форум во Давос изјави дека по одлуката на Велика Британија да истапи од членството во Европската унија сите членки на унијата треба да зборуваат со еден глас на меѓународната сцена, јавува агенцијата АП.

Канцеларката Меркел вели дека преостантите 27 членки на ЕУ треба да се обединат и да зборуваат за надворешната политика, ако Европјаните сакаат да бидат сериозно сфатени.

Според нејзините зборови, по одлуката за Брегзит, Унијата треба обединето да се соочува со големи предизвици.

Канцеларката додаде дека Европа „жали“ поради одлуката на Велика Британија изразувајќи надеж дека двете страни ќе ги одржат блиските односи.

Таа во говорот во Давос се заложи за мултилатерални решенија на глобалните проблеми и додаде дека во овој момент има премногу „национален егоизам“.

Според нејзината оценка, овогодинешното мото на форумот „Создавање заедничка иднина на разбиениот свет“ е целосно точен.

– Веруваме дека изолационизмот нема да земе замав. Веруваме и дека мораме да соработуваме, затоа што протекционизмот не е исправен одговор, вели таа.

Во Давос во текот на денот се обрати и францускиот претседател Емануел Макрон.

На форумот, кој собра 60 шефови на држави и влади, како и стотици бизнисмени, луѓе од светот на науката и цивилното општество и познати личности, присуствува и македонскиот премиер Зоран Заев, како и премиерите не земјите од регионот, меѓу кои Србија, Хрватска, Грција и Албанија.