Иван Џолев нов претседател на скопскиот Кривичен суд

Сподели со своите пријатели

Судскиот совет на Република Македонија на денешната седница со 11 гласа „за“ и два „против“  го избра Иван Џолев за претседател на Основниот суд Скопје 1.

За ова место, како што МИА веќе објави, се кандидираа судиите Владимир Панчевски, Ивица Стефановски, Верка Петковска, Осман Шабани, Ѓоко Ристов и Весна Димишкова.

Судијата Оља Ристова, како што беше констатирано на седницата, ја повлекла кандидатурата за претседател на скопскиот Кривичен суд.

Според бодовите, најдоброрангирани беа судиите Владимир Панчевски, Ивица Стефановски и Верка Петковска  со по 260 бода, Осман Шабани бил оценет со 232, Ѓоко Ристов со 215, новоизбраниот претседател Иван Џолев со 192, додека Весна Димишкова со 180 бода.

Според некои членовите на Судскиот совет претседателот на Судот нема да се бира според највисоките бодови, туку и по тоа колку има менаџерски способности, поседува интегритет, колку може да ги организира и мотивира судиите и по тоа колку може да одолее на притисоците.

Членот на Судскиот совет Влатко Самарџиски меѓу другото посочи дека приоритет за претседателот на Судот треба да бидат меѓучовечките односи, и да биде потранспарентен кон медиумите и јавноста.

Претходно беше констатирана оставката на в.д. претседателот на скопскиот Кривичен суд Стојанче Рибарев кој, како што беше речено на седницата, оставката на 25 октомври ја поднел поради здравствени причини.

Советот денеска ги разгледа и оцени извештаите за работата на судовите за третото тримесечје од годинава.

На седницата не беа присутни претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски и министерот за правда, Билен Саљији.

Текст: МИА / фото: СДК.мк

Loading...