Два големи пожари ги пустошат шумите во Липково, каде се авионите за гаснење?

Сподели со своите пријатели

Два големи пожари во липковскиот планински крај од вчера ги пустошат шумите, а пожарникарите поради непристапниот терен се немоќни да се справат со огнената стихија која само вчера проголтала 50 хектари сува трева и деградирана шума.

Пожарот кој најприв избувнал на територијата на Република Косово на потегот кон селото Белановце вчера околу 10 часот наутро преминал на територијата на Република Македонија, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи. „Шумското стопанство“ веднаш формирало екипа од 37 вработени кои со теренски возила се упатиле на местото на настанот, но поради непристаниот терен гаснењето се одвивало доста отежнато.

Поради намалена видливост екипите се повлекле во текот на вечерните часови, а останале само двајца шумочувари да дежураат и да ја следат состојбата во текот на ноќта. Активностите продолжиле рано утринава.

Во Полициската станица Матејче вчера попладне во 15:20 часот бил регистриран уште еден поголем пожар во селото Отља кај месноста Три Камена на потегот кон село Стрима. Истиот пустоши сува трева и деградирана шума. Веднаш биле извесени претпоставените од Регионалниот центар за управување со кризи, Територијалната противпожарна единица Куманово, Дирекцијата за заштита и спасување и Шумското стопанство, но лошата конфигурација на теренот и непристапноста се огромна пречка во справување со огнените јазици кои бегу се ширеа во текот на ноќта поради ветерот.

Се наметнува прашањето зошто надлежните чекаат за активирање на авионите за гаснење на пожари додека огнот брзо ги голта шумите во овој планински реон.

Голем шумски пожар веќе неколку дена беснее и на потегот на Скопска Црна Гора, кој во текот на ноќта доби на интензитетот, а скопските пожарникари иако на терен сепак поради непристапност не успеваат да се справат со пожарите.