Дождот ги изгасна пожарите во липковско, опасност од повторно активирање

Сподели со своите пријатели

Дождот кој вчеравечер паѓаше во Куманово и околината ги изгаснал пожарите кои неколку дена ја пустошеа шумата во селата Белановце, Отља и Стрима, вели утринава директорот на ЈП Македонски шуми- Шумско Стопанство Куманово, Ваит Саити.

Вчера во раните утрински часов 15 вработени на ШС – Куманово со две возила излегле на терен во атарот на селото Белановце и поголемиот дел од пожарот го локализирале во текот на денот. Сепак поради непристапен терен, 200-300 метри долж границата со Република Косово пожарот продолжил да беснее.

Во период од 08:15 часот до 18:30 часот вкупно 22 вработени на „Македонски шуми“ биле на тарен во селата Отља и Стрима каде интервенирале со едно возило, а 80% од пожарот бил локализиран уште пред да падне дождот.

Во извештајот на Регионалниот центар за управување со кризи пишува дека пожарот во атарот на село Матејче кој е дојден од Скопска Црна Гора воопшто не бил гаснат затоа што не постои никаков пат, а теренот е непристапен. Директорот Саити сепак вели дека дождот во текот на ноќта ги изгаснал сите активни пожари.

Сепак додава дека постои сериозна опасност пожарите повторно да се активираат денеска, па затоа вработените од Шумското стопанство Куманово од раните утрински часови со соодветна опрема се на терен во планинскиот реон во липковско каде ќе се обидат да спречат повторно избувнување.

Засега се уште трае проценката од стручните лица за тоа колкава површина шума е изгорена, а директорот Ваит Саити во својата изјава вчера рече дека пожарот во Отља и Стрима е човечки фактор и е подметнат од страна на дрвокрадци. Притоа упати апел Министерството за внатрешни работи да ги пронајде сторителите.

 

Loading...