Бектеши – Почивалшек: Заеднички проекти за унапредување на економската соработка

Сподели со своите пријатели

Унапредување на трговската размена, разгледување на македонската иницијатива за склучување договор за соработка во областа на туризмот и седница на Мешовитата комисија, беа темите на средбата на министерот за економија Крешник Бектеши и неговиот словенечки колега, министерот за економија и технологија Здравко Почивалшек во Љубљана.

Македонија и Словенија, беше истакнато на средбата, имаат континуирано успешна економска соработка. Словенија редовно е на листата значајни инвеститори во Република Македонија, а во однос на надворешно – трговската размена, е 12-та земја во 2016 година со која Македонија остварува најголем обем. Билатералната трговија во првите осум месеци годинава бележи раст во споредба со истиот период лани за 11,7 отсто при што извозот е зголемен за 15,3, а увозот за 10,1 процент.

Како што соопшти Министерството за економија, Бектеши му предложи на својот словенечки колега во првата половина на идната година да се одржи 11. седница на Мешовитата комисија по Спогодбата за стопанска соработка меѓу двете земји со оглед дека редовното одржување седници ќе ја отвори можноста за избор на заеднички проекти за подобрување на трговијата и економската соработка, како и можност за нови инвестиции во Република Македонија.

Министрите се согласија дека сите овие заеднички иницијативи говорат за одличната основа за натамошна плодна економска соработка која се очекува да биде продлабочена и зајакната со нови, заеднички проекти.

Средбата беше во рамки на официјалната посета на македонската владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, на Словенија.

Извор: МИА

Loading...