Балкане мој…

Сподели со своите пријатели

Западниот Балкан е место со високо ниво на шовинистички плурализам. Постои широк и разновиден спектар на тој шовинизам. Од десничарките параноици и религиозните фанатици до ултра-левичарските фанатици и семитисти. Значи, секоја раса на луѓе од која секој разумен човек би побегнал во друга држава. Треба да се напомене дека дел од овие правци не се настанати на Балканот и се преземени од Европа, но она што е алармантно е што овие правци многу подолго преживуваат на Балканскиот Полуостров отколку таму кај што се настанати. Балканското општество никако да ги оттргне како голем товар од минатото.

Но, да се вратиме на различните општества на балканските мајстори на параноја и нетолеранција. Како на пример, „големите“ комити, четници, усташи, балисти и исламските фундаменталисти да ги направиме истомисленици? Доста е само да им го поставиме прашањето: Кој во денешно време владее со светот? Или:  Зошто земјите од поранешна Југославија се неуспешни „банана“ државички и кој е виновен за тоа?

Што и да им поставите како тема, ќе бидете изненадени колку сите тие размислуваат исто. Ќе ве збуни хармонијата која превладува меѓу нив околу овие прашања, а пред тоа не можеле ни да се сложат околу временската прогноза. Врз главата ќе ви стои прашалник и ќе се прашувате: Како е можно овие патриоти и религиозни фанатици кои со години водат свои мали виртуелни војни, да постигнуваат консензус меѓу себе кога ќе се спомене и допре темата за ситуацијата во светот? За што, всушност, тие се согласуваат? Па, прво, дека секогаш некој од страна им е виновен што нивните држави се заостанати провинции во југоисточна Европа. А потоа, секако, ќе ви кажат дека светот го водат големи владетели во сенка, луѓе од разни организации кои работат во строга доверба за да ги постигнат своите тајни и нечесни цели. И дека секој значаен настан во историјата е дело на нивните сомнителни планови и на тој начин балканските држави се жртви на нивните нечесни работи.

На помалку информираните набљудувачи ќе им биде неверојатно како сите овие големи патриоти исто или многу слично го гледаат светот. Сите тие „знаат“ што е вистината и каква стапица се крие околу синтагмата „меѓународна заедница“. Нив им е јасно дека не постои никаква меѓународна заедница и дека со светот раководат илуминати, темплари, хазари, масони и други. И дека тие ги контролираат светскиот капитал, телевизиите, ги чипуваат луѓето, прават климатски промени, економски кризи, ни ја трујат храната, прават војни, ни ги подметнуваат педерите и многу други работи.

Начинот на размислување на просечниот Балкан-Шовинист е многу предвидлив. Менталитетот им е таков што секогаш сомничат друг за сопствениот неуспех. Тој ментален склоп е заразен со идеолошки догми, национализам, крут традиционализам, параноично толкување на својата локална средина и, како таков, лесно преминува во глобална параноја. Тој лесно своите локални непријатели ги менува со масоните, хазарите, СОРОС, Билдерберг групи, Трилатерална комисија, кои, според нив, делуваат од сенка и ги кројат животите на луѓето.

Наоружан со лековерност и незнаење, балканскиот човек е подготвен да ги апсорбира сите глупости кои се интригантни и сензационални. Балканскиот човек е подложен на суеверие и не му е особено тешко да се предаде на илузијата. Бара приказни во кои нема да биде тешко да се препознае кои се добрите, а кои лошите момци. Тој не се оддалечил многу од приказните кои некогаш му ги има кажувано неговата тетка пред да заспие кога бил мал. Истата таа тетка која од Германија му праќа по некое евро за да може да си ги плати сметките за струја додека тој го проколнува сатанистичкиот Запад.

Хомо-Балканикус, како што ќе го наречам во оваа колумна, традиционално е подложен на суеверието и разни илизии, па како таков, многу му е лесно да прифати теории на заговор. Неговиот говор традиционално е обоен со незнаење, предрасуди и сомневање во другите.

Но, тој, Хомо-Балканикус, во исто време е среќен што ја знае вистината и го разбира светот и мисли дека е голем борец против глобалното зло наречено Новиот Светски Поредок. До првото „отрезнување“ кога ќе сфати на какви будалештини бил поврзан. А можеби и никогаш нема да сфати. Ќе остане секогаш вдомен кај мајката на сите засолништа – убавата и блажена ГЛУПАВОСТ.

Пишува: Емил Ташевски, дипломиран инжинер по информатика

Loading...