47 Сиријци од ТЦ Табановце преку ноќ завршија во Грција

Сподели со своите пријатели

Транзитниот центар Табановце од ноќеска е скоро испразнет со бегалци, откако четириест и седум лица од Сирија беа вратени во Грција, како дел од планот за реадмисија договорена со Грција, објаснува Горан Стојановски од РЦУК, инаку управник на транзитниот центар на границата со Србија.

Според Стојановски, ваквиот начин на враќање на бегалци е дел од договорена реадмисија и неточни се озборувањата дека кампот се подготвува да биде затворен наскоро.

Со реадмисијата, во кампот ќе останат уште скоро педесетина бегалци од разни националности, додека оние кои пристигнаа во Македонија минатата година во време на затворањето на т.н Балканска рута, од ноќеска се наоѓаат во Грција од каде можеби ќе се работи на нивна релокација во државите на ЕУ, согласно договорот со Турција.

Транспортот на беглаците се случи само неколку часа подоцна откако вчера министрите на ЕУ договорија рутата за бегалци и мигранти од Блискиот Исток да остане затворена до април, кога и се очекува ревидирање на одлуката за тоа што ќе се случува со бранот бегалци заглавен во Грција по затворањето на гранците кон ЕУ.

Во Македонија во моментот работат два бегалски центри, и тоа ТЦ Табановце и ПТЦ Гевгелија од каде се уште нема пристигнати информации дека бегалци и од тој прифатен центар се вратени во Грција.