Жителите од „Киро Фетак“ на протест пред Општина Куманово (ФОТО)

Сподели со своите пријатели

Жителите од улицата „Киро Фетак“ во Куманово денеска протестираа пред Општината каде побараа да се реши проблемот со водоснабдување, бидејќи како што велат веќе три недели се без вода.

Loading...

Велат дека е тешко да се функционира без вода, дека и кога ја има таа не е чиста за употреба, дека им се расипуваат и машините за перење алишта, па откако упатиле барања до општината и Јавното претпријатие „Водовод“ и проблемот не бил решен, излегоа на протест.

– Рекоа дека од понеделник ќе почнат целата улица да ја сменат, но сменија само кај се појави дефектот и чекаат, друг ден пак дефект и исто така, пола улица сега е намесета, а пола е со стари цефки над 50 години, вели Наџмедин Јашари жител на улицата.

За потребите од домаќинствата вода носат од бунари, а за пиење купуваат. Велат дека е срамота во 21 век во центарот на Куманово да бидат толку време без вода.

Од секретарот на општината Десанка Стошевска и директорот на јавното претпријатие „Водовод“ Горан Стојковски беа повикани на разговор, но не сакаа да ја слушнат нивната понуда како да се реши проблемот, туку инсистираа да се сретнат со градоначалникот, а објаснувањето дека е на службен пат во Сараево не сакаа да го прифатат. По кратка расправија си заминаа.

– Кога ќе биде подготвен градоначалникот тогаш ќе дојдеме, рекоа и си заминаа.

Loading...

Директорот на „Водовод“, Горан Стојковски вели дека и покрај тоа што жителите од оваа улица имаат над 2 милиони денари неплатени сметки, сепак е подготвена проектна документација за оваа улица уште во 2018 година за целосна замена на водоводната мрежа, но тоа мора во ноември да се изгласа првин на седница на Советот на Општина Куманово.

– Во ниту еден момент немало 48 часа да бидат без вода или подолг период. Се работи за улица изградена во 1968 година, азбестно-цементна која е дотраена и конечно влезе во проектна документација и работа за општина Куманово, на 15 ноември ќе бидат ставени во програма за работа, ќе се распише тендер и водоводната мрежа ќе биде заменета, изјави Стојчевски.

Како што појасни директорот, шест до 10 метри се менуваат секојдневно за да нема понатамошни дефекти, но санација на комплетна мрежа не може да се направи без тоа да биде ставено во годишните програми на јавното претпријатие и општината.

Целосната санација може да се заврши до крајот на годината, меѓутоа поради зимските услови истата нема да може да се асфалтира поради тоа што асфалтните бази не работат во зима, појасни директорот Стојковски.

Инаку проблемот пред јавноста го претстави советникот во Општина Куманово Осама Муадини кога на последната седница на советот пред советниците извади шампон и пешкир и побара пауза за да се искапе, бидејќи живее на таа улица и нема вода. Сепак денес не дојде на протестот, бидејќи заминал на семинар.

Leave a Reply