Во Куманово концерт по повод Интернационалниот ден на џезот

Сподели со своите пријатели

По повод одбележувањето на Интернационалниот ден на џезот, во четврток, на 30 април, во Занаетчискиот дом во Куманово ќе се одржи концерт посветен на промоција и афирмација на џез музиката и нејзиното влијание во општеството како значајна уметничка форма на изразување.

Концертот ќе започне во 19:30 часот, а организатор е Фондацијата за култура и спорт „Куманово“, под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово.

 

 

Интернационалниот ден на џезот традиционално се одбележува секоја година на крајот на април во бројни градови низ светот, испраќајќи порака за мир, меѓукултурен дијалог и почитување на различностите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведени двајца кумановци, едниот возел мотор, другиот автомобил без дозвола

Годинава, преку иницијатива во Куманово, љубителите на џезот ќе имаат можност да уживаат во репертоар составен од познати џез стандарди што ја одбележале златната ера на овој музички правец.

 

 

На програмата ќе се најдат композиции од легендарни имиња како Louis Armstrong, Charlie Parker и Miles Davis, како и дела од други значајни џез автори.

Настапите ќе ги изведе поголема група музичари од повеќе градови низ Македонија, со што концертот ќе претставува вистинска музичка прослава на џезот и неговото културно наследство.

 

 

Организаторите информираат дека влезот за сите посетители ќе биде слободен.

Никола Ивановски