Во Франција денеска повторно има протести поради пензиската реформа

Сподели со своите пријатели

Француските синдикати, кои од јануари организираат протести против пензиската реформа, за денеска најавија нови протести и тоа ќе бидат први по неодамнешното усвојување на законот за пензиски реформи.

Loading...

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин изјави дека дополнителни 12.000 полицајци и жандарми ќе бидат распоредени низ целата земја, од кои 5.000 ќе бидат во Париз, објави француската онлајн телевизија BFMTV.

Дарманен повтори дека во Франција има слобода на изразување, но не и право да се создаваат немири и инциденти на улични протести.

Француската управа за цивилно воздухопловство побара денеска од авиокомпаниите да откажат околу 30 отсто од нивните летови на аеродромот во Париз Орли и 20 отсто на другите аеродроми.

Ер Франс најави дека ќе ги задржи сите летови на долги релации, особено на меѓународниот аеродром во Париз Роаси-Шарл де Гол.

Се очекува да има прекин и железничкиот сообраќај.

Синдикатите кои ги организираат протестите во средата по интервјуто на Емануел Макрон изјавија дека се разочарани, додавајќи дека францускиот претседател покажал „презир кон милиони демонстранти“.

Претседателот на Франција рече дека непопуларната пензиска реформа треба да се спроведе до крајот на годинава и дека е подготвен да биде непопуларен поради тоа.

Loading...

Во интервју за француските ТВ канали TF1 и France 2, Макрон рече дека реформата е неопходна и дека не ја спроведува од задоволство.

„Не барам да бидам реизбран. Помеѓу краткорочните анкети за популарноста и општиот интерес на земјата, јас го избирам интересот на земјата“, рече Макрон, додавајќи дека е подготвен да биде непопуларен.

Французите и дел од опозицијата се незадоволни бидејќи реформата предвидува поместување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Во вторникот Макрон ја отфрли реконструкцијата на владата, распуштањето на парламентот и распишувањето референдум за пензиските реформи.

Францускиот претседател рече дека има доверба во премиерката Елизабет Борн, која неодамна го искористи своето уставно право да го усвои нацрт-законот за пензиските реформи без гласање во парламентот.

Затоа пратениците од опозицијата поднесоа два предлога за недоверба на Владата, кои не поминаа во Собранието.

Ова беше очекувано бидејќи коалицијата на Макрон има релативно мнозинство и законот имаше поддршка од некои опозициски партии, вклучувајќи ја и традиционалната десничарска партија, Републиканците.