Утре изложба по повод 50 години постоење на Ликовна колонија „Куманово“

Loading...
Сподели со своите пријатели

Во среда, на 25 декември 2024 година, во Салонот на Уметничката галерија при НУ Музеј-Куманово, од 19:30 ќе биде отворена изложба на дела по повод 50 години постоење, јубилеј на Ликовната колонија „Куманово (1974-2024)“.

Изложбата е дел од програмските активности, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.

На изложбата ќе бидат презентирани ликовни дела од Фондот на НУ Музеј-Куманово, еден вид ретроспектива на педесетгодишното постоење на колонијата, од најзначајните македонски и странски автори, кои зеле учество, како и од првите кумановски учесници со кои започнува колонијата во 1974 година: Тане Атанасовски Гарски, Трајко Тошевски, Зоран Јакимовски, Иван Оцепек и Владимир Величковски.

Изложбата има ретроспективен карактер и има за цел да направи еден пресек и да ги презентира најзначајните ликовни автори од македонско и странско потекло, како и да презентира што поголем број на ликовни автори кои зеле учество и оставиле значајни дела. Особено се издвојуваат делата на странските реномирани уметници кои ќе бидат презентирани на оваа изложба: Денис Бовен и Паоло Чампини. Од богата колекција која ја надминува бројката од 700 слики и скулптури, се издвојуваат делата на познати и признати македонски автори кои зеле учество на колонијата: Борко Лазески, Ванчо Ѓорѓиевски, Ана Темкова, Нове Франговски, Рубенс Корубин, Момчило Петровски-Моцо, Васил Василев, Ибрахим Беди, Димитар Малиданов, Реџаи Исени, Димитар Манев, Веле Ташевски, Кирил Геговски, Доне Милјановски, Решат Амети, Вана Урошевиќ, Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, Никола Иванов-Балтон, Исмет Рамиќевиќ и многу други. Секако, ќе бидат прикажани и автори од градот Куманово, по кој колонијата го носи и името.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Далибор Стаменковски од Куманово на самит со европската елита на кондициони тренери (ФОТО)

Пред пет децении, во 1974 година формирана е меѓуопштинска ликовната колонија „Прохор Пчински“, помеѓу два збратимени градови во тогашната СФРЈ, Врање (Србија) и Куманово (Македонија). Оснивачи се тогашната Културно-просветната заедница од Куманово  и Работничкиот универзитет од Врање. Првата сесија била одржана во конаците на манастирот Св. Прохор Пчински, во близината на селото Кленике. Ликовната колонија „Прохор Пчински“ ќе трае од 1974 – 1990. Во Куманово колонијата реорганизирана продолжува да работи после две години, (поради  политичките прилики во 1991 и 1992 таа нема да се оддржи), во 1993 година под новото име „Куманово“. Од тогаш до денеска, иако повеќе пати ќе го менува местото на одржување, таа сепак опстојува и е единствена колонија во нашата земја во која соработуваат државната и локалната власт. Таа е континуирано, финансиски поддржана како од Министерството за култура и туризам, така и од Општина Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен кумановец кој со тврд предмет искршил прозорци на сограѓанин

На Ликовната колонија „ Куманово“ во изминиве години учествуво зеле голем број на автори, ликовни творци (сликари, вајари, графичари и др.), од различни генерации (некои и по неколку пати), како од Републиката, така и од повеќе земји од светот и регионот со академска наобразба: Велика Британија, Шведска, Холандија, Франција, Јапонија, Турција, Романија, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Албанија, Црна Гора и тн.

Ликовната колонија „Куманово“ е една од поетаблираните колонии во Р. С.Македонија, со долгогодишно искуство и традиција, која се одржува до ден денеска.

Автор на изложбата е Драгана Спасковска, Кустос советник, историчар на уметност при НУ Музеј-Куманово

Loading...
ПРОЧИТАЈТЕ И:  Пожарникарите ќе имаат пункт кај Спомен Костурница, полицијата да ангажира позорникари