Во Уметничката галерија – Куманово во среда /3 јуни/ ќе се одржи промоција на рачно изработен накит, дело на Филип Митевски.
Митевски, кој за себе вели дека е уметник со душа, на свој начин го пресликува женското тело, хоби со кој се занимава од мали нозе.
– Најпрвин со детските цртежи ја искажував својата креативност, а со тек на годините, креативноста се развиваше, и почнав да се поигрувам и на платна, вели Митевски.
Среќен сум кога на некого ќе видам мое дело, вели Филип.
– Со дизајнирање на накит се занимавам повеќе од пет години, а својот талент го надградувам во Софија, Бугарија, каде имам посетувано различни курсеви за рачна изработка на специјална техника на накит. За изработка на своите дела користам чипка, кожа, кристали и други детали.
Накитот на Митевски е уникатен, и секое парче е изработено на свој начин.
Рачно изработениот накит ќе биде изложен во Уметничка галерија во Куманово во среда /3 јуни/, со почеток во 20 часот.
Изложбата ќе има продажен карактер.