Во МКЦ Козјак се одржа танцова интерпретација на старата култура и традиционалниот ритам прикажани на современ начин.
Танцовата изведба се одржува согласно со добиената финансиска поддршка на здружението, по Јавен повик за прибирање на предлог проекти за организирање на културни манифестации во Општина Куманово, предвидена во Програмата на Општината за 2025 година.
Проектот под наслов “Пафта – Словенските корени на македонскиот народ” е танцов перформанс, кој го покажува влијанието на словенската култура врз македонскиот народ, нагласувајќи ги карактеристиките, техниките и социјалните контексти, кои ја обликуваат оваа форма на изразување. Словенските мотиви во современиот и модерниот танц водат кон хибридизација на стиловите, користејќи танцови елементи за истражување на теми на идентитетот и егзистенцијализмот во новосоздадените дела.
Танчерите на ТСК “Динамик” и Танцово Студио “Виртус” го разубавија секој чекор со својот личен талент преку напорна работа со своите тренери Влатко Стефановски и д-р Тања Китановска Стојковска. М-р Давид Стојановски стои позади уникатната гардероба, создавајќи на тој начин динамична интеракција меѓу традицијата и иновативноста.
На презентирањето на овој проект присуствуваа претставници на Општина Куманово и членови на Советот.