Позитивни реакции за разговорите за името

Сподели со своите пријатели

Позитивни првични реакции од завчерашната нова рунда разговори за името во Брисел, одржана по пауза од три години, доаѓаат од медиумите во Грција, како и од Македонија.

Грчките медиуми излегоа со оценки дека е евидентно забрзување на процесот за надминување на спорот, но оти таквото раздвижување на меѓународен план може да предизвика сериозни проблеми во коалициската влада на премиерот Алексис Ципрас.

Сајтот Ин.гр пишува дека по зголемените раздвижувања во однос на прашањето за името се зголемува и притисокот врз Владата на Ципрас, а особено на неговиот коалициски партнер, Панос Каменос, од партијата Независни Грци, за изнесување јасен став по ова прашање.

Според Ин.гр, САД поставиле рок до летото да се најде решение, а во спротивно ќе следи влез во НАТО под референцата ПЈРМ. Сепак, тоа отвора прашање како Каменос ќе реагира доколку биде понудено комплексно име и дали би излегле од Владата, имајќи предвид дека тој досега остро се противеше зборот Македонија да биде содржан во името на северниот сосед.

„Катимерини“ ја пренесува изјавата на директорот за Дијалог за Југоисточна Европа при Универзитетот Колумбија, Давид Филипс, кој е поранешен советник во Стејт департментот во време на претседателите Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама, дека односите меѓу Атина и Скопје се во својот зенит и дека 2018 година е важна поради можноста да се дојде до решение што ќе биде од корист и на двете страни.

Според Филипс, ќе биде важно зајакнување на економските врски со Скопје, додека Алексис Ципрас ќе го зголеми својот меѓународен углед, бидејќи решението на проблемот ќе го зајакне суверенитетот на Грција во време кога Турција бара обновување на договорот од Лозана, а ќе ги подобри односите со Албанија и Бугарија.

Ректорот на Универзитетот ФОН и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО Нано Ружин е оптимист дека спорот со името меѓу Македонија и Грција може да биде решен следната година, за што вели дека во моментов во прилог одат и внатрешните и надворешните фактори.

– Сега можеме да бидеме комплетно оптимисти, затоа што според филозофијата на дипломатските преговори, постојат одредени фази, механизми, правила, а еден од основните предуслови за решавање е да постои една структурирана атмосфера, вели Ружин во изјава за МИА коментирајчи ја изјавата на Нимиц по средбата во Брисел.

Смета дека сегашната политичка структура и во Македонија и во Грција оди во прилог на можноста за решавање на спорот. Тој позитивното придвижување на настаните не го гледа само во промената на политичката структура во земјава, туку и во однесувањето на грчката страна.

Вели дека Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас се лидери ослободени од национализам и националистички претензии, нешто што според него го отвора патот за пронаоѓање решение, а што беше голем блокатор не само за името, туки и за развојот на целокупните билатерлни односи.

Текст: МИА / фото: МКД.мк

Loading...