По критиките од западните земји, ММФ ги одложи економските консултации со Русија

Сподели со своите пријатели

Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека ги одложил планираните економски консултации со Русија што требаше да започнат оваа недела за да се соберат повеќе податоци и анализи.

Loading...

„Консултациите со Русија се одложени додека не ги собереме сите потребни податоци и анализи за ригорозни консултации“, соопшти ММФ, пренесе Ројтерс.

ММФ планираше да спроведе рутинска проценка на економската политика на Москва за прв пат откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, но неколку европски земји се спротивставија на повторното ангажирање.

Во соопштението не се дадени дополнителни детали за временската рамка за консултациите, кои се годишен услов за членство во ММФ.

Последната годишна мисија на ММФ ја посети Русија во ноември 2019 година, пред почетокот на пандемијата „Ковид19“.

Рускиот директор во ММФ, Алексеј Можин, претходно изјави дека консултациите се одложени поради технички причини.

„Раководството на Фондот ја информираше руската страна и бордот на директори дека работата на мисијата ќе се одложи на неодредено време. Причината за одложувањето на мисијата е техничката неподготвеност на мисијата да изврши консултации“, рече тој, како што информираат од ТАСС.

Да потсетиме, девет европски земји неодамна протестираа против намерата на Меѓународниот монетарен фонд да ја продолжи својата мисија во Москва, оценувајќи дека одлуката за продолжување на дијалогот со земја која нападна друга земја ќе му наштети на угледот на ММФ.

Loading...