Најголем процент од кумановските судии донирале од априлската плата

Сподели со своите пријатели

Две третини од кумановските судии од Основниот Суд Куманово донираа на сметките на Министерството за здравство во знак на поддршка во напорите на институциите за справување со состојбата со ковид-19 во земјата. На сметките на Министерството за здравство собрани се 240.000 денари.

Loading...

Претседателката на кумановскиот суд Снежана Манев информираше дека од 23 судии до денеска донирале 17 судии кои доставиле докази за уплата во солидарните фондови од нивната априлска плата.

„Донациите се движат од 20 до 50 проценти од судиската плата. Околу 240.000 денари веќе донирале судиите од Основен суд Куманово. Тоа се две третини од судиите, очекуваме дополнителен број на судии и се надевам дека ќе одговорат сите, затоа што ова прашање нам ни е многу важно“, изјави Манев.

Таа појаснува дека и подружницата на Здружението на судии на Основен Суд Куманово, ја поддржала иницијативата на Здружението на судии на Уставниот суд, со времена мерка да се поништи Уредбата со која судиите требаше да бидат сведени на минималец.

„Сметам за потребно да објаснам, без разлика на ставот на јавноста на која бевме мета изминатиов период, дека судиите се солидарни и одговорни за состојбата со која се соочивме поради пандемијата. Мора да потенцирам и да објаснам дека судиите не е дека не се солидарни или не сакаат да донираат, во прашање е принцип, владеење на право, за кое сите се залагаме. Во прашање е законска и уставна одредба, ставот на Венецијанската комисија и препорака дека независноста на судиите произлегува меѓу другото и од економска независност. Затоа, ние одлучивме да ја поддржиме иницијативата, но од друга страна на ниво на здружение се договоривме да донираме, што и го направивме“, изјави Манев.

МИА

Leave a Reply