Над 700 деца беа дел од масовниот училишен крос кој денеска се одржа на спортскиот аеродром Аџи Тепе во Куманово, во организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт, а под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово.

На настанот учествуваа ученици од основните и средните училишта од општината, кои се натпреваруваа во машка и женска конкуренција.

Вкупно беа реализирани 14 трки, распределени според возраста на учениците.

Натпреварувачите трчаа на различни дистанци – од 200 метри за најмладите ученици од трето одделение, па сè до 1200 метри за средношколците.

За најуспешните во секоја категорија беа обезбедени награди, при што им беа доделени медали, маици и дипломи како признание за постигнатите резултати.

Организаторите истакнаа дека ваквите настани имаат значајна улога во поттикнување на спортскиот дух и создавање здрави навики кај младите, што е клучно за нивниот правилен раст и развој.

На кросот присуствуваа и претседателката на Советот на Општина Куманово, како и претставници од општинската администрација.

Никола Ивановски

