Над 3.000 посетители забележа досега Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ кој 26та година по ред се одржува во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Со вчерашната претстава „Илуминати“ на Театар Комедија од Скопје програмата дојде до половина од годинешните предвидени претстави.
– На половина од Меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ Куманово можеме да кажеме дека сме презадоволни од посетата на фестивалот, од нашата публика, од изведбата на театарските претстави и од текот на самиот фестивал. Досега имавме преку 3000 посетители, и очекуваме тој број до крајот на фестивалот да се дуплира, изјави Сашо Тодоровски, директор на НУЦК „Трајко Прокопиев“.
Денови на комедија Куманово години наназад важи за фестивал со најголема посетеност во државата.
Вечерва, среда, на репертоар е претставата од Театар Лесковац, Србија, „Чекајќи го лекарот“, во сабота претставата „Граѓанинот благородник“ на Театар Тетово, во недела гостува Драматичниот театар од Ловеч, Бугарија со претставата „Седумтте стола“, во вторник гостува Драмски театар Скопје со претставата „Кафез кај кокони“ и на 14 октомври фестивалот го затвора премиерата на претставата на Театар Куманово „Љубовна терапија“.
Фестивалот втора година по ред ќе ги награди најдобрите, а наградите ќе се оделат на 15 октомври кога публиката ќе може да ја проследи и претставата „Обвинителка“.
Никола Ивановски