На Трамп му е наложено да плати над 454 милиони долари за финансиска измама

Сподели со своите пријатели

Судот во Њујорк му нареди на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да плати повеќе од 454 милиони долари, откако беше прогласен за одговорен за погрешно прикажување на неговата нето вредност во случајот за финансиска измама што го покрена њујоршката обвинителка Летиша Џејмс.

Loading...

Исплатата вклучува казна од 354,9 милиони долари што судијата на државниот суд на Менхетен, Артур Енгорон, му ја изрече на Доналд Трамп во средината на февруари, објави Ројтерс.

Енгорон, исто така, им нареди на синовите на Трамп, Доналд Трамп Јуниор и Ерик, да платат по речиси 4,7 милиони долари.

На поранешниот финансиски директор на организацијата Трамп, Ален Вајзелберг, му беше наложено да плати 1,1 милион долари.

Енгорон, исто така, издаде тригодишна забрана за Трамп да раководи со која било њујоршка компанија или да бара кредит од банки регистрирани во државата Њујорк, додека на неговите два сина им беше забрането да заземаат лидерски позиции во фирми на две години.

Судијата рече дека „целосниот недостаток на каење на обвинетите се граничи со патолошките“.

Трамп: Лов на вештерки

Трамп го нарече случајот „лов на вештерки“ од политичките противници.

Енгорон го одби барањето на Клифорд Роберт, адвокат на обвинетите, да се одложи извршувањето на пресудата за 30 дена за да се овозможи „уреден процес по пресудата“.

Loading...

„Не успеавте да објасните, а уште помалку да оправдате каква било основа за одложувањето. Уверен сум дека Апелацискиот оддел ќе ги заштити вашите апелациони права“, му напиша судијата на Роберт во е-пошта.

Обвинителката Летиша Џејмс претходно објави дека е подготвена да започне процес на запленување на имотот на Доналд Трамп доколку тој не може да ги плати 454,8 милиони долари утврдени со пресудата.

„Доколку нема средства да плати, ќе бараме механизми за извршување на суд и ќе побараме од судијата да му го заплени имотот“, рече Џејмс во интервју за ABC News.