Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски по трет пат останува без ингеренциите врз градинката „Ангел Шајче“.
Најновата одлука на Министерството за труд и социјална политика, пристигнала вчера, кога кумановскиот градоначалник одржа прес конференција на која обвини дека се врши притисок врз локалната самоуправа за поставување нов директор.
– Искрено сум разорачан, се потврди со оваа решение дека историјата се повторува. Оваа централна власт не се согласува со неистомислениците, секогаш мора да се работи по нивен диктат и ова е најгрубо кршење на децентралзиација во државата, рече тој.
Вчера Димитриевски обвини дека МТСП притиска да се постави партиски кадар за директор на кумановската градинка, бидејќи актуелната директорка заминува во пензија.
– Борбата на општината нема да застане, ќе ги искористиме сите правни средства, истото решение ќе го обжалиме пред надлежен суд и ќе ја водиме нашата борба во делот на поголема децентрализација бидејќи сметаме дека оваа јавна институција заслужува да има подеднаков третман како и останатите и да излезе од партиските пранги кои во моментот се сѐ поцврсти, изјави Димитриевски.
Инаку, прв пат ингеренциите на Димитриевски му ги одзеде Мила Царовска, кога тој се обиде да ја смени од директорска позиција Марина Алексовска.
Втората одлука беше на актуелната министерка Јованка Тренчевска за избор на наследник на Алексовска.
Откако тогаш Димитриевски обзнани дека му се одземаат ингеренциите, експресно му беа вратени, а од вчера повторно е без нив.
Никола Ивановски