Меѓународен ден на планината: Кумановските планинари дел од акцијата од Водно до Матка (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Денеска е Меѓународниот ден на планината, а кумановските планинари од здружението „Козјак 2013“ го одбележаа изминатиот викенд кога заедно со планинари од целата држава традиционално ја организираа акцијата „Од Водно до Матка“.

– Ние оваа година бевме и најбројни, имавме два полни автобуси, тоа беа планинари, но и граѓани рекреативци кои што ги направија првите планинарски чекори на овој значаен датум за сите нас. Времето беше преубаво и убаво расположение, сите се искачија, буквално и оние кои што првпат беа на планина, а после тоа имаше свеченост долу во Матка со планинарско гравче, со греано вино, со чај, со музика и така го одбележавме овој светски ден, изјави Ангела Петковска од ЗПЗП „Козјак 2013“.

 

 

Петковска изрази надеж дека и оние кои прв пат учествувале на една ваква акција ќе продолжат со посета на планините.

 

 

Здружението „Козјак 2013“ е едно од најактивните планинарски здруженија во Куманово и скоро секој викенд имаат организирано акции во природата, зависно временските услови.

– Она што сигурно ќе го реализираме е предновогодишна акција на нашата матична планина Козјак на врвот Китка, кој што сигурно ќе биде јавен настан, ќе бидат повикани и граѓаните за да на еден поинаков начин го одбележиме крајот на оваа година. За други активности, планираме некаде во пролет повторно да имаме пошумување затоа што имавме за 11 Октомври, кога е нашата традиционална акција посветена на нашиот празник, Куманово како град првоборец, рече Петковска.

 

 

„Козјак 2013“ акција за пошумување имаа и за Денот на ослободување на Куманово „11 Ноември“ кога засадија стотина дрвца на планината Козјак чии шуми летово страдаа во катастрофални пожари.

– Планираме во пролет кога и се садат садници една акција, а исто така задолжително секој осми март организираме осмомартовска акција посветена на празникот на жената со намера што повеќе жени да излезат од дома и на еден поинаков начин да го одбележат овој празник. После таа акција, голем дел од жените кои што се вклучиле во акцијата остануваат да ни бидат членки во клубот, а секако дека доаѓаат и од машкиот пол, сите, на сите возрасти, иако таа акција е назначена за празникот осми март, додава Петквоска.

 

 

Меѓународниот ден на планините се слави на 11 декември секоја година на глобално ниво за да се подигне свеста за важноста на планините во нашите животи и за нашата планета.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Никола Ивановски / Стефан Младеновски