Литванија утринава соопшти дека го исклучила својот електроенергетски систем од руската мрежа, јави Ројтерс, пренесува Танјуг.
Летонија и Естонија најавија дека ќе го сторат истото, а по завршните тестови трите земји утре треба да се приклучат на мрежата на ЕУ.
„Се исклучивме“, изјави портпаролот на литванската компанија за управување со мрежа Литгрид.
Плановите за одвојување на балтичките земји од руската мрежа, за кои се дискутираше со децении, се забрзаа по руската анексија на Крим во 2014 година.
Таа мрежа беше последната преостаната врска со Русија за трите земји кои станаа независни по падот на Советскиот Сојуз и се приклучија на Европската унија и НАТО во 2004 година.
Балтичките земји се потпираа на руската мрежа за контрола на фреквенцијата и стабилизација на мрежата за да избегнат прекини во снабдувањето.
Литванија, Летонија и Естонија, кои се цврсти поддржувачи на Киев, престанаа да купуваат струја од Русија по почетокот на војната во Украина во 2022 година.