Која е младата кумановка која постојано краде низ градот?

Сподели со своите пријатели

Дел од жителите на Куманово живеат во страв дека можат да станат нова жртва на млада кумановка која постојано краде низ градот.

Loading...

Станува збор за 25-годишната М.З. која има извршено десетици кражби од куќи и станови како во централното градско подрачје, така и низ околните приградски населби.

Не минува месец без оваа лице да изврши барем некоја кражба, за што постојано информираат и од Секторот за внатрешни работи Куманово.

И секогаш одново и одново е на слобода.

Кошмар и за полицијата која ѝ поднела 24 пријави

М.З. е кошмар и за кумановската полиција која постојано си има работа со неа. Но, тие ја приведуваат, ја задржуваат кратко и нивната надлежност тука завршува. Потоа неа треба да ја гони Обвинителството, а да ѝ суди судот.

Од СВР Куманово за Кумановски Муабети велат дека досега против неа имаат поднесено вкупно 24 кривични пријави.

Првата кражба ја извршила во 2015 година, кога веројатно и се уште била малолетна, а последните две изминатиот викенд.

Во дел од случаите полицијата ги пронаоѓа украдените пари и предмети и ги враќа назад на сопствениците.

Loading...

Но, која е М.З.?

М.З. е млада 25-годишна русокоса девојка, која живее во вонбрачна заедница, во поширокото централно подрачје на Куманово.

Мајка е на едно малолетно дете и има завршено средно образование. Првата кривична пријава ѝ била поднесена во 2015 година, а последната изминатиот викенд.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Прекин на улично осветлување во дел од центарот на Куманово

Според досегашните сознанија работи сама и не е насилна. Наоѓа куќи и станови чии врати не се заклучени и влегува внатре по потрага по пленот.

Во дел од случаите, според жртвите кои зборуваа со нашата редакција, не била ни повикувана полиција, оти била забележана пред нешто да украде и избркана.

– Влегла на долниот кат, додека ние сме биле внатре на вториот, но кучето ја забележало и започна агресивно да лае што ја одаде. Веќе од гласините низ градот претпоставивме која е и ја веднаш ја избркавме, вели една од жртвите.

Во друг случај, среде бел ден влегла во куќа во центарот на градот, каде ја затекнал сопственикот.

– Не украде ништо, но прилично ме исплаши кога влегов и забележав човек како седи на двоседот. Знаев за кого се работи оти претходно ги имаше ограбено моите соседи, вели уште еден кумановец со кој разговаравме.

Од ситни кражби до големи суми пари и злато

Делува како жртвите да ги бира по случаен избор и онаму каде вратата е отворена, но во дел од случаите заминувала и со поголем плен.

Loading...

Во дел од судските записи до кои дојде Кумановски Муабети се забележува дека си заминувала и со поголеми суми пари и накит.

Така од една семејна куќа во селото Горно Којнаре украла 12.000 денари од паричник на сопственикот. Потоа со употреба на сила се обидела од заклучената фиока на масичката да украде 1.600 евра, но не успеала оти избегала кога забележала поголема раздвиженост во куќата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Портокалов метео аларм за силен ветер и високи температури

Уште поголем бил пленот во кражба што ја извела во друга семејна куќа од каде заминала со „ќар“ од 17.600 евра.

Првин украла 600 евра од паричник, но и 2.000 евра кои веројатно биле заштеда на семејството.

Потоа пребарувајќи успеала да им пронајде и украде златен накит од околу вкупно 300 грама и проценета вредност од 15.000 евра.

Осудувана условно, а таа си крадела и понатаму

Кумановски Муабети ја пребара базата на Основен суд Куманово и пронајде најмалку три пресуди, од кои две се од оваа година.

Првата пресуда што ја пронајдовме е од септември 2021 година кога судот ѝ пресудил условна казна затвор од една и пол година, која нема да ја изврши доколку во следните три месеци не стори ново кривично дело.

Во јануари годинава М.З. повторно добила условна затворска казна од година и четири месеци која ќе се активира ако го повтори делото во следните две години.

Loading...

Но, М.З. не чекала долго. Веќе во март кумановската полиција ѝ поднесува нова кривична пријава за кражба од куќа во населбата Карпош.

Тоа значи дека ја прекршила изречената условна затворска казна која ѝ била изречена два месеци претходно, но дали завршила во затвор не е познато.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Од 902 сообраќајни прекршоци вчера, 148 без возачка дозвола

Веќе во јуни повторно седнала на обвинителна клупа за едно од своите кривични дела и овој пат добила затворска казна, но само во времетраење од два месеци.

Дали ја одлежала затворската казна повторно не успеавме да дознаеме, но следната кражба што ја пронајдовме низ полициските билтени каде се споменуваат нејзините инцијали и возраст е веќе во септември годинава.

Последните две кражби се од 23ти октомври, кога полицијата по кој знае кој пат ѝ поднела кривична пријава.

Зошто таа одново и одново е на слобода?

Она што веројатно веќе сите се прашуваат е зошто М.З. при толку сторени кражби секогаш е на слобода?

Loading...

Немаме информација колку од вкупно 24те поднесени кривични пријави против неа ги процесирало Основото јавно обвинителство (ОЈО), иако најмалку три пати завршила пред суд.

Неофицијални информации од обвинителско-судските кругови со кои разговаравме велат дека ОЈО во одредени случаи отфрлало кривични пријави оти украдената сума или вредност на предметите била многу мала.

Овие извори, кои сакаа да останат анонимни, велат дека следниот чекор што Обвинителството се подготвува да го преземе е барање за психијатриско вештачење на серискиот крадец.

Во меѓувреме кумановци, особено оние кои живеат сами, стравуваат дека М.З. може да им дојде „на гости“.

Никола Ивановски

Loading...