Јужноамериканските земји ги прекинаа дипломатските односи со Израел

Сподели со своите пријатели

Голем број јужноамерикански земји изразија дипломатски протести против Израел како одговор на конфликтот со Хамас, при што левичарската влада на Боливија целосно ги прекина дипломатските односи и ја припиша својата одлука на наводните воени злосторства и кршење на човековите права извршени во Појасот Газа.

Loading...

Одлуката на Боливија беше објавена на прес-конференција во вторник попладне од Марија Нела Прада, министерка во администрацијата на претседателот Луис Арсе.

„Бараме да се прекинат нападите врз Појасот Газа кои досега однесоа животи на илјадници цивили и предизвикаа принудно раселување на Палестинците“, изјави министерот за новинарите во Ла Паз.

Неколку часа подоцна, владите на Чиле и Колумбија ги отповикаа своите амбасадори од Израел, додека бразилскиот претседател го критикуваше продолжувањето на воздушните напади врз Газа, пишува Гардијан.

Боливискиот заменик-министер за надворешни работи Фреди Мамани Мачака рече дека одлуката претставува „осуда на агресивната и непропорционална израелска воена офанзива во Појасот Газа и нејзината закана за меѓународниот мир и безбедност“.

Овој потег уследи откако поранешниот претседател Ево Моралес ја повика неговата земја да ги прекине врските со Израел поради „страшната ситуација со која се соочува палестинскиот народ“.

Пишувајќи на Х, порано познат како Твитер, претходно овој месец, Моралес побара Израел да биде класифициран како „терористичка држава“ и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и „неговите соучесници“ да бидат осудени за геноцид и воени злосторства.

Боливија претходно ги прекина односите со Израел во 2009 година по инвазијата на Појасот Газа, но повторно ги воспостави врските во 2020 година под десничарската претседателка Жанин Агнес.

Loading...

Левичарскиот претседател на Колумбија Густаво Петро во вторникот изјави дека го отповикал својот амбасадор поради израелскиот „масакр врз палестинскиот народ“.

Петро неодамна ги спореди дејствијата на Израел со акциите на нацистот Адолф Хитлер, предизвикувајќи го на тој начин гневот на израелското Министерство за надворешни работи, кое го обвини дека ги загрозува животите на Евреите и ги охрабрува „ужасните дела на терористите на Хамас“ со своите „непријателски и антисемитски изјави“.

Чилеанскиот претседател Габриел Бориќ исто така објави дека го отповикал амбасадорот на неговата земја во Тел Авив за да разговара за „неприфатливите прекршувања на меѓународното хуманитарно право“ извршени од Израел во Газа.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва минатата недела го критикуваше, како што рече, „лудилото на премиерот на Израел кој сака да го уништи Појасот Газа, но заборава дека таму не има само војници на Хамас, туку и жени и деца кои се големите жртви на оваа војна“.

„Само затоа што Хамас изврши терористички чин против Израел, тоа не значи дека Израел треба да убие милиони невини луѓе“, додаде Лула во друго интервју.

Во вторникот вечерта, по извештаите дека десетици се убиени во израелските воздушни напади врз бегалски камп во северниот дел на Газа, Лула на Твитер напиша:

„За прв пат сме сведоци на војна во која повеќето од загинатите се деца… Стоп! За љубов кон Бога, престанете!“