Германија размислува за испорака на ракети Таурус на Украина

Сподели со своите пријатели

Според пишувањата на медиумите, германската влада испитува како може во наредните месеци да ѝ испорача на Украина крстосувачки ракети „Таурус“ од залихите на Бундесверот.

Loading...

Според информациите на магазинот „Шпигел“ во тек се разговори меѓу Министерството за одбрана и индустријата за оружје.

Министерството за одбрана на Борис Писториус побарал од производителот на Taurus да го ограничи дострелот на овие крстосувачки ракети воздух-земја.

Такво ограничување на системот е можно, пишува „Шпигел“ повикувајќи се на извори од индустријата за оружје.

Но, тоа ќе потрае неколку недели.

Канцеларот е против употреба на ракети на територијата на Русија

Германскиот канцелар Олаф Шолц сака да ја спречи Украина да користи системи со долг дострел за напади на руска територија со помош на оваа техничка модификација.

Според извештаите, Шолц е подготвен да одобри испорака на „Таурус“ само кога ќе биде убеден во ова ограничување.

Порталот „т-онлајн“ претходно, повикувајќи се на круговите на Шолцовите социјалдемократи (СПД), објави дека владата „наскоро“ има намера да објави испорака на крстосувачки ракети.

Loading...

Пред само една недела министерот за одбрана Писториус ја отфрли можноста за брза испорака, но не ја исклучи категорично.

„Моментот на одлука за нас сè уште не е дојден. Не сме единствените кои не испорачуваме. Вакви крстосувачки ракети не испорачуваат ниту нашите американски сојузници. Нашите имаат посебен опсег“.

Првото барање од Украина пристигна во мај

„Taurus“ е опремен со сопствен погонски систем и со неколку навигациски системи кои овозможуваат низок лет над непријателска територија.

Тоа значи дека борбените авиони можат да лансираат крстосувачки ракети способни да уништат цели до 500 километри.

Владата во Киев уште во мај побара од германската влада да испорача ракети „Таурус“, што во тоа време не доаѓаше во предвид.

Но, изминативе денови се зафати дискусијата за можна испорака во германската владејачка коалиција.

Социјалдемократот Андреас Шварц (СПД) беше првиот што се заложи за испорака минатата недела.

Шварц смета дека Украина ќе го исполни ветувањето и нема да користи западни оружени системи за напади на руска територија.

Loading...

„Дури и со веќе доставените артилериски системи „Марс“ и „Химарс“, Украинците би можеле да стигнат до руска територија, што досега беше избегнато“, изјави Шварц за „Шпигел“.

Нешто слично изјави и Агњешка Бругер, политичарка од партијата на Зелените.

„Време е да дадеме зелено светло“

За испорака на крстосувачки ракети во Украина се изјасни и политичарката на Либералната партија (ФДО) Мари-Агнес Штрак-Цимерман, која е задолжена за прашањата на одбраната во таа партија.

„Имаме доволно „Таурус“. Добар дел е подготвен за употреба, а на Украина итно ѝ се потребни. Време е да дадеме зелено светло“, изјави за телевизијата „Феникс“ Штрак-Цимерман, инаку претседател на Комисијата за одбрана на германскиот Бундестаг.

И додаде: „Мислам дека проблемот е повторно во кабинетот на канцеларот, каде што не сакаат да се истакнува таа тема. Ме нервира што повторно водиме дискусија која многу ме потсетува на дискусијата за испорака на тенкови“.

Демохристијаните бараат јасност од Шолц во врска со испораката

Опозициските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) бараат и поголема јасност во врска со испораката на „Таурус“.

Во врска со тоа прашање, не треба да се повтори „уште еден циркус на владејачката коалиција“, изјави за новинската агенција ДПА, шефот на демохристијанската парламентарна група Јохан Вадефул (ЦДУ).

„За нас е важно внимателно да се разгледа одлуката за испорака на ракетите Таурус.“

Loading...

Експертот за одбрана на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) Флоријан Хан, слично како и политичарот од ФДП, Штрак-Цимерман, потсети на дискусиите во коалицијата за испорака на тенкови во Украина.

Тој вели дека ниту канцеларот Шолц ниту министерот за одбрана Писториус (и двајцата социјалдемократи) не научиле од своите грешки.

„Доколку Германија не може да се вклучи во испораката на борбени авиони, ние треба барем да ја преземеме водечката улога во вооружувањето на украинските сили за воздушна одбрана. Логичната одлука е да се испорачаат системите Таурус во Украина“, рече Хан.

„Но за тоа е потребна волја, како и подготвеност да се носат одлуки. Ниту едното ниту другото не може да се види во федералната влада до ден-денес“.

Испораката на „Таурус“ значително ќе ѝ помогне на Украина да се одбрани од руската агресија, изјави експертот за надворешна политика на демохристијаните, Јирген Харт (ЦДУ).

„Ако владејачката коалиција сака победа на Украина, веднаш треба да нареди испорака.Нападите на руска територија, признати според меѓународното право, мора да бидат исклучени“, рече Харт.

Loading...

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.